Денеска се навршуваат четири години од руската агресија на Украина. Покрај уништената инфраструктура и десетиците илјади мртви, долгата војна остави и длабоки последици врз демографската слика на земјата. Стапката на наталитет е во драматичен пад, милиони ја напуштиле земјата, а сè повеќе луѓе се соочуваат со неплодност или со одложување на родителството.
– Тоа е катастрофа. Ниту една земја не може да преживее без луѓе. Дури и пред војната, Украина имаше ниска и нерамномерно распределена густина на населението, изјави за Си-ен-ен Ела Либанова, една од водечките демографи во Украина.
Според нејзините процени, од почетокот на војната, Украина изгубила околу 10 милиони луѓе, поради смрт, заминување во странство или живеење под окупација. Иако стапката на наталитет се намалувала со години, војната ја довела речиси до целосен колапс. Денес, просечниот број деца по жена е помалку од едно, додека европскиот просек е 1,4, а американскиот просек е 1,6. Специјалистката д-р Ала Бараненко истакнува дека предвремената менопауза е сè почеста кај помладите жени, како и падот на квалитетот на јајце-клетките и спермата, особено кај војниците. „Стресот и условите за живот имаат огромно влијание“, рече таа.
Војната, исто така, зад себе остави илјадници семејства без родители. Се проценува дека од почетокот на инвазијата загинале помеѓу 100.000 и 140.000 Украинци, а просечната возраст на војниците е околу 43 години, што значи дека многумина оставаат зад себе сопруги и деца. Во моментов, околу 59.000 деца во Украина живеат без своите биолошки родители.
Преговорите за крај на војната, што почнаа пред повеќе месеци, сè уште не донесоа резултат. Како главна причина за непостигнување договор се наведуваат териториите што ѝ ги бара Русија, а Украина не ги дава. Иако ја има поддршката од Европа, Украина сè уште останува без ветената помош во пари и во опрема.












