„Четири документи се на маса во мировните преговори за Украина“

374
EPA/MAXYM MARUSENKO

Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, вчера изјави дека во преговорите за Украина моментално се разгледуваат четири документи, наведувајќи дека Вашингтон се обидува да утврди какви максимални отстапки е подготвена да направи Русија за да се стави крај на војната.

Витакер во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека страните сега се поблиску до мирот од кога било досега, но дека, како што изјави, „топката е во дворот на Русија“.

Тој потсети на изјавата на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс дека не е можно со сигурност да се каже дали ќе се постигне мир, бидејќи многу зависи од Москва.

Според Витакер, на преговарачката маса се мировен план од 20 точки, предлог за мултилатерални безбедносни гаранции, посебни безбедносни гаранции на САД и план за економски раст и просперитет откако ќе се постигне мир.

Амбасадорот на САД во Алијансата изјави дека САД сега јасно ги разбираат барањата на Украина, а во исто време се обидуваат да проценат до кој степен Русија е подготвена да направи отстапки.

Витакер, исто така, укажа на продолжувањето на силните руски напади врз Украина, оценувајќи дека самото тоа зборува многу за моменталната ситуација и додаде дека, според него, Русија е единствената страна што не покажала загриженост за сопствените загуби.

Тој нагласи дека американскиот претседател Доналд Трамп, како клучен посредник, е единствениот што може да ги донесе двете страни на преговарачка маса и да се обиде да постигне договор, пренесува Танјуг.

„Претседателот Трамп е подготвен, и покрај хаосот, страдањето и уништувањето на бојното поле, да истрае во обидите да постигне мировен договор“, заклучи Витакер.

ИЗДВОЕНИ