Четири активни пожари низ Македонија, централниот дел и кумановско под висок ризик од пожари

28

До пладне, во државата се регистрирани вкупно 14 пожари на отворено. Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека четири од нив се уште се активни – во општина Дојран, кај селото Николич, каде што гори нискостеблеста шума, во општина Чашка под Солунска глава, каде има чад во карпест предел без видлив пламен, во Куманово на местото Преовце каде гори ниска вегетација, како и во Старо Нагоричане, во селото Ругинце.

„Шест пожари се ставени под контрола. Два се локализирани – во општина Прилеп кај селото Бешиште и во општина Свети Николе кај селото Делисинце, каде беше зафатена ниска вегетација и една стара напуштена куќа. Во изминатите часови целосно се изгасени два пожари – во Чучер Сандево кај црквата Света Троица и во Македонски Брод кај селото Белица.“, велат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Врз основа на мапата што го прикажува метеоролошкиот индекс на ризик од пожари, од ЦУК информираат дека освен централниот дел, остатокот од државата исто така е под висок ризик од пожари, а низок ризик има во подрачјата околу Шар Планина и други помалку загрозени региони. Централниот дел на државата и околината на Куманово се под многу висок ризик од пожари – информира ЦУК, објавувајќи мапи со детектирани топли точки на територијата кои се потенцијални жаришта за пожари.

„Метеоролошкиот индекс на ризик од пожар се пресметува врз основа на податоците од автоматските метеоролошки станици на Управата за хидрометеоролошки работи и ги вклучува параметрите како што се температурата на воздухот, релативната влажност, брзината и правецот на ветерот. Вкупно две топли точки се детектирани во близина на селото Николич, општина Дојран. Оперативниот штаб на ЦУК потврди појава на пожари на отворен простор на овие локации.“, велат од ЦУК.

Со објавување на мапата со топлите точки, од ЦУК велат дека тие се откриваат автоматски преку сателитски сензори и укажуваат на можни активни пожари или извори на топлина на територијата. Следната мапа се однесува на состојбата со сушата на вегетацијата, која, како што наведуваат од ЦУК, се мери преку сателитски податоци од Системот за информации за пожари на НАСА за управување со ресурси. Црвената боја на мапата ги означува подрачјата со највисока суша на вегетацијата – во повисоките планински предели, што значи висока чувствителност на вегетацијата и потенцијал за пожари. Жолтата боја укажува на средна суша на вегетацијата, а зелената – на најниска, во пониските делови каде ризикот од пожари е најмал.

ИЗДВОЕНИ