среда, февруари 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Чествување на великанот: Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да...

Чествување на великанот: Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме Македонија

292

Гоце Делчев да ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на чествувањето на 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер. Тој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков и министерката за образование, Весна Јаневска, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.

-Денес го одбележуваме денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и го исполнуваме неговото дело кое што го направил и за македонскиот народ но и за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани. Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година, имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава. Така што уште еднаш денес да си го спомнеме неговиот лик и дело, да го чествуваме и да го сеќаваме и тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија, порача Мицкоски.

Поглаварот  на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан по молитвениот помен порача дека го одбележуваме роденденот на незаборавниот Гоце.

-Бројните запсии сведочат дека Гоце уште од детството бил со исклучителен карактер и благ нарав. И да се родел во мирнодопски времиња сигурно животот би го поминал во борба за македонштината. За жал се родил во ропски услови, мисијата на Гоце била да повика кон својот народ, „не плашете си од нив, спомнете си за Господ, кој е величествен и влева почит“. Она кон коешто Гоце повикувал, самиот го правел со исклучителна храброст, за што го положил и сопствениот живот на само 31 година. Бог нека го прими Гоцета во своите вечни живеалишта, а нам нека ни подари мудрост и сила да ја сочуваме и оправдаме жртвата Гоцева и на сите коишто своите животи ги положија за слободна и достоинствена Македонија – рече архиепископот Стефан.

Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче денеска испрати порака вои која наведува дека Делчев е еден од визионерите кој ги постави темелите на македонската државотворност.

-Неговата порака за “светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес е јасен повик дека Македонија мора да оди напред, кон модерна, просперитетна и европска држава, а не назад во изолација. Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика. Да го продолжиме аманетот на Делчев, да градиме напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива – порача Филипче.

ИЗДВОЕНИ