Во Загреб, се чествуваше делото на еден од најзначајните македонски поети, Раде Силјан. Салата на централната загрепска библиотека „Богдан Огризовиќ“, на денот кога пред 86 години е објавена Рациновата „Бели мугри“, беше исполнета до последното место за одбележување два значајни јубилеја за Силјан: 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на неговата прва поетска книга, „Третиот лик на времето“. Воедно, во рамките на манифестација „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“, на Универзитетот во Загреб беше промовирана и колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ подготвена од македонски тим истражувачи
Универзитетски професори, академици, хрватски македонисти, писатели, дипломати, уметници, новинари, студенти, ученици и членови на македонската заедница, во Загреб, заеднички, на највисоко ниво го чествуваа делото на еден од најзначајните македонски и јужнословенски поети на денешницата, Раде Силјан. Салата на централната загрепска библиотека „Богдан Огризовиќ“, на денот (25 ноември) кога пред 86 години е објавена Рациновата „Бели мугри“, беше исполнета до последното место за одбележување два значајни јубилеја за Силјан: 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на неговата прва поетска книга, „Третиот лик на времето“. Настанот се одржа под покровителство на хрватското Министерство за наука, образование и млади, а во организација на МКД „Охридски бисер“ во соработка со градските библиотеки и читалници од Загреб, како централно чествување во рамките на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“.
Чествувањето го отвори раководителката на загрепската библиотека „Богдан Огризовиќ“, Јасна Ковачевиќ, нагласувајќи ја значајноста на манифестацијата и посочувајќи го Силјан како најистакнат меѓу канонските македонски поети, со активен опус, со творештво што е значаен дел и од јужнословенската книжевност. Присутните, од името на македонската држава, ги поздрави амбасадорот, Н.Е. Драган Ѓурчевски, а од името на хрватскиот ПЕН-центар и на хрватското Друштво на писатели се обрати поетот, писател и книжевен критичар Иван Херцег. Жељка Ненадиќ од Секторот за образование на јазикот и писмото на националните малцинства при Управата за националните малцинства во Република Хрватска, како претставник на хрватските институции, изрази задоволство што под хрватско институционално покровителство се одржува настан од ваков формат, искажувајќи подготвеност за натамошна поддршка за афирмацијата на македонскиот јазик, книжевност и култура во Хрватска. За поезијата на Силјан говореа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а модераторка на настанот беше професорката Ивана Брезовец, која е и координаторка на манифестацијата.
– Го читаме Силјан и се прашуваме од каде тој медитеранизам кај демирхисарецот омеѓен со планини? Дали, можеби, и кај него тој е производ на она силно пекање по морето, кое историски и географски сме го изгубиле, а на што укажа и Блаже Конески, но и Предраг Матвеевиќ во својата книга „Медитерански бревијар“? Дали е тој и производ на пекањето по сонцето кое навестува трагедии, по црното сонце и црвено-црниот вез што ги читаме и кај Конески, Шопов, Андреевски? Во неговата поезија се чита и едно современо и севремено тажење/тагување и тихување над сите болки, над сите болести, сите таги и сите премрежиња на својот, но и заради својот народ, јазик, семејство, роден крај и ова негово современо тажење се надоврзува на сите тажачки што ги испеа Петре М. Андреевски. На ова Силјаново пеење-тажење се надоврзува и неговата песна за и на последниот македонски гуслар. Отсекогаш ме мачела мислата зошто Раде Силјан со таков пиетет го зема гусларот за свое поетово “„јас“ – истакна, меѓу другото, Мојсова-Чепишевска.

Антоновски, пак, одделно се осврна на доминантите во поезијата на Силјан, читајќи ја и како поетска историја на неговата и нашата некогашна и актуелна сегашност – историја на македонствувањето.
– Меѓу македонските поети родени околу 1950 година, кои супериорно го претставуваат македонскиот поетски модернизам, но и воопшто меѓу промислувачите на смислата на постоењето преку стих, кои зачекорија во македонскиот културен простор од седумдесеттите години на минатиот век наваму, Раде Силјан се издвојува како единствен што остана дотолку доследен на определбата секоја негова песна да е промислување на суштината на времето што го живее, чувствува и мисли. Во исто време, мисловно-филозофски задуман за своето и за нашето постоење и опстојување, поради што во неговата поетика критиката неслучајно препозна и посебен вид македонска песна. Современ поет на македонската темпоралност, кој повеќе од половина век пее за времето сегашно, ама и за односот кон времето минато и времето идно. Канонски автор, стожерник на македонската книжевна стварност во последните неколку децении – еден од оние што имаат остварено најголем влог во вредносната вертикала на македонската поезија воопшто – издвои, меѓу другото, Антоновски.
Притоа, стихови на Силјан одекнаа на македонски и во препев на хрватски јазик од Борислав Павловски. Пред присутните, со благодарност и убав македонски збор се обрати и Раде Силјан, поздравен со громогласен аплауз. Програмата на ова чествување на високо ниво беше збогатена и со фолклорен настап на ученици од хрватските училишта, со што во загрепската библиотека се слушна и македонската музика и се почувствува македонскиот ритам, што наиде на особено емотивен прием кај публиката.

Во рамките на манифестацијата беше остварена и средба на Силјан со дел од студентите по македонистика на Универзитетот за Загреб, како и работен состанок со директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска.
Во седиштето на Заедницата на Македонците во Хрватска, Силјан се сретна и со дел од најмладите – оние што допрва ќе треба да ги негуваат и развиваат македонско-хрватските културни врски.
По повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на Силјан, претходно издавачот „Дијалог“ објави избор од неговата поезија „Лажно време“ и книга со избор од критиките за неговото поетско творештво.
Раде Силјан е еден од најзначајните автори на современата македонска книжевност во XX и XXI век – поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија во Македонија: наградите „Браќа Миладиновци“ на СВП и „Ацо Шопов“ на ДПМ. Носител е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста. Основач е на првата издавачка куќа формирана во самостојна Македонија, „Матица македонска“.

Во рамките на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ што втора година по ред ја организира МКД „Охридски бисер“, деновиве на Универзитетот во Загреб беше претставена и колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ подготвена од македонски тим истражувачи. Ова капитално дело ќе биде дел од наставата на загрепскиот Филозофски факултет и ќе биде цврста основа за натамошни истражувања на новите генерации хрватски македонисти од загрепската Катедра за македонски јазик и книжевност. Книгата е наменета за странската читателска публика и во неа се обработени главните поетолошки и стилски движења во македонската книжевност, почнувајќи од средниот век, па сѐ до денес. Изданието е работено според методологијата и насоките укажани и прифатени од Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија, кои воедно се јавуваат и како издавачи.












