ЧЕСТИТ ПРАЗНИК 8 СЕПТЕМВРИ – МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА: Сами се изборивме за независноста, сами да одлучуваме и за иднината!

257

Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија… Со овие зборови, тогаш првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, пред точно 34 години го означи еден од најзначајните настани во поновата македонска историја: успехот на граѓанскиот референдум што се одржа таа недела на 8 септември 1991, година со што беше донесена одлука Македонија да го продолжи своето постоење како самостојна и суверена држава. Со тоа, македонските граѓани покажаа недвосмислена волја дотогашната членка на југословенската федерација, која доживуваше свое распаѓање придружувано со крвавата војна и неброени жртви, да продолжи да биде самостојна и независна држава која сама ќе решава за својата иднина. Уште тогаш, уште од тоа неделно вечерно славење на централниот плоштад во македонската метропола кое собра илјадници граѓани, референдумската одлука се доживеа како Трет Илинден, како еден од најзначајните настани. Односно, како континуитет на остварувањата на стремежите на македонскиот народ за сопствена држава манифестирани прво со Илинденското востание во 1903 година, кое беше крваво задушено, потоа со одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, и на кои се удрени темелите на македонската државност во рамките на новата заедница на југословенските републики, за да се случи и целосно државно осамостојување.

Вечерта, на крајот на референдумскиот ден, никој не го криеше своето воодушевување од тоа што граѓаните ја донесоа таквата одлука. Никој ни тогаш ни сега не криел дека имало и стравувања за успехот на референдумот. Односно, дека граѓаните, можеби, нема да сакаат да живеат во самостојна држава, дека ќе почувствуваат дека им е посигурно да останат во останатиот дел од југословенската заедница која веќе ја напуштија Словенија и Хрватска. Веројатно и заради тоа беше формулирано референдумското прашање кое имаше два дела: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија? Но, се покажа дека таквите стравувања биле неоправдани: од вкупно запишаните 1.495.626 гласачи на референдум, излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто и од кои позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани, односно 95,09 отсто. Единствената сенка беше бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница.

МН: Ерупција на радоста на скопскиот плоштад

Милан Талевски, тогашен градоначалник на Град Скопје, со нескриени емоции се сеќава на таа вечер кога беше на свечената бина заедно со тогашниот претседател, Киро Глигоров, премиерот, Никола Кљусев, вицепремиерот, Блаже Ристовски, министерот Илија Андонов-Ченто… кои, за жал, веќе не се меѓу живите сведоци на тој настан.

– Посебно е чувството и денеска, кога по цели 34 години се сеќавам на таа вечер. Во мислите уште ми се спомените од оној ентузијазам со кој се организираше референдумот, онаа енергија со која се јакнеше идејата за самостојна држава. Се сеќавам, во текот на денот додека траеше гласањето имаше и доза неизвесност околу тоа дали референдумот ќе биде успешен оти тој беше и своевиден тест за нашиот народ. Но, кога стигнаа резултатите, радоста еруптираше, тоа беше исполнување на вековната желба на македонскиот народ за своја држава. Сите добро знаеме колку вековни стремежи, соништа, жртви… се дадени низ историјата за да се оствари тој сон – ни вели Талевски.

Време за славење немало многу. Тогашното државно раководство, Влада, претседател… но и сите други институции и граѓани мораа да пристапат кон градењето на самостојна држава и на сето она што тоа повлекува. Во ноември истата 1991 година се донесе новиот македонски Устав, во април следната година следуваше монетарно осамостојување со воведување на денарот, а две години подоцна, во 1993 година, нашата земја стана членка на Обединети нации, но со привремената референција – Поранешна Југословенска Република Македонија, како резултат на противењето на соседната Грција која категорично се спротивставуваше нашата земја да се вика Република Македонија. Како тогаш, така и во наредните речиси три децении. Но, не беше само тоа оспорување бидејќи дојдоа и оспорувања од соседната Бугарија која, пак, иако ја призна новата држава, не го призна постоењето на македонскиот народ.

Историчарката проф. д-р Катерина Тодороска вели дека таквиот однос на соседите ја нарушил радоста на добивањето на самостојната држава.

– Еуфоријата кај македонскиот народ од таквиот чин стивна многу брзо. Пред сѐ, поради опструкциите кон неа од соседните држави. Покрај тоа, македонската независност беше поттикнувач и активираше бројните внатрешни и надворешни сили кои со децении работеа против можноста за отворање на болните прашања за делбата на македонската територија во 1913 година. Гледано од денешен агол, напорите на противниците на постоењето на независна Македонија добија, за нив, посакуван тек. Најпрво, промената на првото државно македонско знаме, потоа прифаќањето на небулозни обврски во однос на македонската историја од источниот сосед, за да дојдеме до најсрамниот чин за една држава т.е. присилно менување на државното име под притисок од јужниот сосед – за весникот ВЕЧЕР изјави историчарката Тодороска.

Но, не се само блокадите и негирањата на соседите кои ги донесоа контроверзните и многу оспорувани договори со Грција и со Бугарија нештата кои го отежнуваа чекорењето и развојот на македонската држава. Уште од првите години се гледаа сите тешкотии произлезени од напуштањето на дотогашниот социјалистичкиот систем и премин на пазарна економија, од распадот на заедничката држава. Почнаа да се случуваат стечаи на дотогашни големи индустриски и трговски гиганти, без работа остануваа илјадници работници, се зголемуваше бројот на невработените, се живееше во неизвесност со сè поголема корупција, граѓанска нееднаквост, нарушување на довербата на граѓаните во државните институции, судството… фундаментални области за секоја држава.

МН: Без барање помош однадвор

Истовремено, постојани тензии имаше и во сферата на меѓуетничките односи на двете најголеми – македонска и албанска – заедници. Во 2001 година доаѓа до конфликтот помеѓу македонските безбедносни сили со дел од албанската етничка заедница и нивни вооружени формации. Конфликтот носи многу жртви, страдања, материјални штети, со што државата во економски и политички поглед се враќа многу назад. Одредбите од т.н. Рамковен договор, потпишан на 13 август 2001 година во Охрид, го менуваат карактерот на дотогашното уставно уредување со внесувањето на елементи на мекиот федерализам. Сето тоа со присуство и на претставници од меѓународната заедница, чие доаѓање и учество во носењето на најважните политички и други одлуки, на некој, начин станува често и речиси редовно.

Социологот Илија Ацески смета дека еден од нашите главни проблеми во изминативе 34 години е како да научиме сами да носиме одлуки кои се однесуваат на нас.

– Сè до распадот на социјалистичкиот систем и на дотогашната заедничка држава ние како да бевме научени некој друг да решава за нас. Одлуките се носеа во центарот, кој беше надвор од нашата република, а ние најчесто само ги спроведувавме. Промената дојде кога моравме сами да решаваме за себе во ситуација кога бевме научени на послушност. Па, така, ни се случи, на пример, во сферата на образованието каде бевме на слично рамниште со Словенија, да назадуваме значително многу откако станавме самостојни. Слично на тоа и во сферата на екологијата, економијата… Во исто време, не можевме да ги разрешуваме внатрешните политички тензии и за што постојано мораше да се бара помош однадвор, од странски претставници, затоа што не можеме сами да донесеме заедничка, компромисна, одлука за витални и најважни општествени и државни прашања – изјави Ацески за весникот ВЕЧЕР.

Тоа, заедно со отстапувањето на просторот на криминални групации, корупцијата и најразлични малверзации во стопанството, урбанизмот и во други сфери, во најголема мера предизвикало и опаѓање на довербата на граѓаните во сопствената држава. Историчарката Тодороска ни вели дека има впечаток дека ние како Македонци, постојано опседнати со туѓи проблеми во врска со постоењето на македонската држава, заборавивме на себе, на сопствениот економски развој.

– Затоа дозволивме: наводни пријатели да ни ги учат децата според нивни стандарди, нашите најдобри деца да ги губиме со штитење на купувачи на дипломи, нашето земјоделство да биде третирано како експериментална станица, наместо како извор за храна, нашата администрација да биде легло на партиски згрижени паразити, нашите институции да бидат раководени од антидржавни ликови и што уште не. И доколку во секоја држава прашањето е како подобро, како напред, чинам дека ние сме во период кога треба да прашаме како назад, кон нормалноста. А одговорот е само еден. Со работа. А тоа значи расчистување со паразитологијата што ја изеде државата – нагласува таа.

И социологот Ацески смета дека по 34 години самостојна држава, по сите тегоби што досега ги доживеале македонската држава и македонското општество, време е за поинаков однос бидејќи кај граѓаните веќе има голема доза разочарување и сомневања во тоа дали може да опстоиме како држава.

– Сега ние како да сме во една замаглена состојба. Имаме нешто што се извишило, а не знаеме што е долу. Имаме неверување во корумпираните институции и систем за чија реформа се потребни длабоки резови. Тоа треба да се менува, но како? Да се почне од нула или поинаку, дали може да го направиме тоа? Главен проблем, според мене, е што како да постои една свест која вели дека ние навистина не можеме самостојно да одлучуваме. А тоа води кон мислењето дека „не нè бива за државата, дека не сме држава“. Тоа е резултат на едно големо разочарување кај граѓаните. А не смееме да дозволиме такви сомневања. И други држави имаат слични проблеми како што има нашата, но не доминира таква свест, тие не се прашуваат „дали ги бива како држава“. Треба, едноставно, да се соочиме со фактите и проблемите и да кажеме дека ние сме тие што треба да го направиме тоа и да дојдеме до решението. Треба да го јакнеме чувството дека сами можеме да ги решаваме проблемите – порачува Ацевски.

Ваква задача, извесно, стои пред македонските граѓани како за овој така и за сите следни денови на празнувањето на независноста на државата. Само така, наспроти сите блокади, попречувања и негирања на постоењето на македонската држава и на нејзиниот народ, ќе може да се чекори и кон Четвртиот Илинден со кој Македонија ќе стане полноправен и заслужен член на европското семејство на државите. (Б.Ѓ.)

Н: На шампањското што се пиеше на бината имаше етикета со натпис „Трет Илинден“

Поранешниот скопски градоначалник, Милан Талевски, ни откри мал детаљ од свеченоста при прославувањето на успехот на референдумот.

– На снимките од прославата се гледа како со шампањ ги послужувам Киро Глигоров, Илија Андонов – Ченто, Никола Кљусев, Блаже Ристовски… и како наздравуваме. Шампањот беше „Повардарски бисер“, кој го купивме од скопското Собрание и на кое потоа налепивме нова етикета на која имаше натпис „Трет Илинден“ заедно со грбот на Градот Скопје. И со тоа сакавме да ја означиме важноста на успехот на референдумот – ни раскажа тој.

 

Државната самостојност низ настани

о Јануари 1991 – Собрание усвои Декларација за независност

о 8 септември 1991 – Референдум за самостојна држава

о Ноември 1991 – Усвоен нов Устав

о Април 1992 – Воведен денар

о Август 1992 – Создавање на АРМ

о Април 1993 – Прием во ООН

о Септември 1995 – Времена спогодба меѓу Македонија и Грција

о Август 2001 – Охридски Рамковен договор

о Август 2017 – Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија

о Јуни 2018 година – Преспански договор со Грција

 

ИЗДВОЕНИ