Чешки „блек хок“ со седумчлен екипаж и словенечки пожарникари со 18 возила ќе гасат на Готен  

724

Ситуацијата со пламените јазици во Македонија, кои досега предизвикаа огромна материјална штета, и натаму е алармантна. Дневно има над 30 пожари.

Но, од друга страна, смирува тоа што откако државата го активираше механизмот за цивилна заштита на ЕУ, на помош во гаснењето на пожарите ќе се вклучи и Чешка, покрај најавата дека се понудиле и Словенија и Франција. Чешка ќе помогне со еден чешки хеликоптер „блек хок“ (црн јастреб), со седумчлен екипаж, додека Словенија со 61 пожарникар и со 18 возила, кои се очекува да пристигнат во земјава во текот на денот  Тие ќе бидат упатени во Берово за да го гасат пожарот на Готен.

И денеска имаше партиски препукувања за тоа кој е виновен за пожарите во земјава.

Пратеникот Миле Лефков обвини дека според информации на ВМРО-ДПМНЕ, шоферот на Зоран Заев, го подметнал пожарот кај браната „Водоча“ во Струмица. Тој обвини дека пожарите се смислено сценарио на СДСМ и на луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата, а крајната цел, според него, е да се обвинат институциите дека не може да се справат со пожарите. Екс-премиерот Зоран Заев пак, во изјава за Фокус, појасни дека приведениот не бил негов шофер туку работел како возач во Општина Струмица.

Според информациите од ЦУК, на територијата на државата, во текот на вчерашниот ден имало 15 пожари на отворен простор, од кои три биле активни, пет биле ставени под контрола, а седум биле изгаснати. Состојбата останува сериозна, особено во планинските и во руралните подрачја.

Најкритичен е пожарот што беснее меѓу териториите на општините Василево, Радовиш и Берово, каде што пламените јазици зафатија големи површини од планината Голем Готен и од Малешевските Планини. Таму горат нискостеблеста шума, смрека, грмушки и друга сува вегетација, што дополнително го отежнува гаснењето. И Прилеп и натаму е под сериозна закана.

Добра вест е што пожарите кај селата Грешница и Латово во Македонски Брод веќе не се шират, иако гореле мешана шума и деградирана вегетација. Слична е ситуацијата и меѓу селата Драгоево и Селце во Штип, каде што биле зафатени нискостеблести шуми и сува трева. Воспоставена е контрола и во Карбинци, кај селото Јунузлија, како и во регионот меѓу Црешево, Локвица и Крапа (Македонски Брод), каде што горела деградирана дабова шума.

Министерот за животна средина Изет Меџити најави дека ќе се изврши пошумување на секоја опожарена педа.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ