Чешката влада во средата ја обвини Кина дека извршила сајбер напад врз Министерството за надворешни работи, при што биле компромитирани илјадници некатегоризирани електронски пораки.
Според соопштението на чешката влада, кинеската државно спонзорирана хакерска група APT31 го гаѓаше Министерството за надворешни работи од 2022 година – истата година кога Чешка претседаваше со Советот на Европската унија – и имаше пристап до серија нешифрирани комуникации помеѓу амбасадите и институциите на ЕУ.
Министерот за надворешни работи Јан Липавски најави дека итно ќе го повика кинескиот амбасадор во Прага за да побара објаснување и рече дека овој инцидент негативно ќе влијае на билатералните односи меѓу Чешка и Кина.
„Со денешниот потег, ја разоткриваме Кина, која долго време се обидува да ја поткопа нашата отпорност и демократија“, рече Липавски. „Преку сајбер напади, манипулации со информации и пропаганда, Кина се меша во нашето општество – и ние мора да се браниме од тоа“.
Ова е првпат Чешка официјално да му припише сајбер напад на актер кој работи со поддршка од странска држава.
Истрагата ја спроведоа заеднички Чешката безбедносна разузнавачка служба, Воената разузнавачка служба, Канцеларијата за надворешни односи и информации и Националната агенција за кибер и информациска безбедност (НУКИБ), кои врз основа на докази со висок степен на сигурност заклучија дека нападот го извршила кинеската група АПТ31.
Според Министерството за правда на САД, APT31 работи под контрола на кинеското Министерство за државна безбедност од градот Вухан. Групата претходно беше обвинета за серија напади од висок профил, вклучително и обид за пристап до личните е-пошта на членовите на кампањата на тогашниот американски претседателски кандидат Џо Бајден за 2020 година. Во 2024 година, Обединетото Кралство и САД воведоа санкции против поединци поврзани со оваа група.
Наводниот кинески напад предизвика остри реакции во Брисел, како и во врвот на Европската унија и НАТО.