Последниот рудник за јаглен во Чешка ќе се затвори на крајот од јануари, со што ќе им се стави крај на традицијата стара 250 години и на индустријата што го придвижуваше развојот на тешката индустрија во Централна Европа.
Последните тони се вадат од окната длабоки еден километар во рудникот во Стонава, во близина на полската граница, бидејќи ниските цени на јагленот и индустриската и еколошката транзиција во Европа ја намалуваат побарувачката на она што беше некогаш најценет ресурс во регионот.
Државната компанија ОКД требаше да биде затворена пред три години, но руската инвазија врз Украина во 2022 г. доведе до зголемување на енергетските пазари и му „купи“ на рудникот краткотрајно продолжување.
– Тажно е што се затвора рудникот. Тоа е тешка, но добра работа. Ќе ми недостига – вели полскиот рудар Гжегож Соболевски, кој размислува да прифати друга работа преку границата во Полска, каде што сè уште работат рудниците.
Рударството во регионот Острава започнало кон крајот на 18 век и го претворило руралниот дел на Хабсбуршката Империја во индустриска енклава. Инвеститорите, вклучувајќи го и семејството Ротшилд, финансирале големи индустриски проекти како железници, челичарници и помошна инфраструктура, помагајќи да се привлечат десетици илјади работници. Индустријата добила уште еден поттик по комунистичката национализација во 1948 година. Во 1980-тите, повеќе од 100.000 рудари работеле во сливот, а ОКД произведувала до 25 милиони метрички тони годишно. Голем дел од тој свет се распаднал по 1989 година, кога почнала да пропаѓа тешката индустрија од комунистичката ера, а рудниците се затворале еден по еден и десетици илјади рудари ги загубиле своите средства за живот.
До октомври минатата година, ОКД ископала само 1,1 милион тони и го намалила бројот на вработени на 2.300, а уште 1.550 ќе бидат отпуштени во наредните месеци.












