Вчеравечер повторно се случил пожар на депонијата во Арачиново. За тоа извести градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој во доцните часови сподели видео на „Фејсбук“ и истакна дека повторно се чувствува непријатен мирис во Ченто и во околината на обиколницата.
Како што информираше Стефковски, инспекцијата која излегла на терен го известила дека мирисот доаѓа од пожарот на депонијата во Арачиново.
На тоа граѓаните коментираа дека не треба да се пуштаат видеа, туку треба да се најдат оние што палат.
Други, пак, даваат предлог да се побара од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), која е законската можност да се казни општина која се ослободува од својот отпад преку палење и неплаќање за истиот, а го загрозува здравјето на соседна општина бидејќи преку ружата на ветерот најчесто завршува во Ченто и околината.
-Ова не е само периодов, туку години наназад. Свикајте работна група претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина итн… – излегуваат со свои размислувања граѓаните.
(А.П.)