Во Театарот за деца и младинци – Скопје, на 1 октомври, со почеток во 20:00 часот, ќе биде изведена премиерата на новата младинска претстава „Челинџ“, авторско и режисерско дело на Јане Спасиќ.

На прв поглед, сè наликува на обична викенд-екскурзија – излез од градот, малку природа, малку тишина. Но, кога исчезнува еден од учениците без трага, групата е втурната во лавиринт на сомнежи, паника и потиснати тајни. Додека возрасните се обидуваат да го „смират“ случајот, младите започнуваат сопствена, болна и неочекувано зрелa истрага, отворајќи прашања што одамна тлеат под површината на училишниот систем и семејната фасада.

– „Челинџ“ е претстава што со храброст и емпатија навлегува во внатрешниот свет на младите, нивните борби со идентитетот, притисоците што не се гледаат, но се чувствуваат, насилството што често се нормализира и толерира и тишината што станува соучесник. Истражувајќи ги тензиите меѓу ранливоста и очекувањата, таа проговорува за чувството на беспомошност во општество што ги гледа младите, но ретко ги слуша. Преку драмски јазик што ги следи ритамот и естетиката на генерацијата Z, „Челинџ“ ги разоткрива премолчените одговорности на возрасните – институционалната рамнодушност, симболичните иницијативи што повеќе служат за добар впечаток отколку за вистинска промена. Тие често само ја маскираат токсичноста на системот. Во исто време, младинскиот глас продолжува да се замолчува, токму тогаш кога најгласно бара да биде чуен. Претставата не нуди едноставни одговори, туку потсетува дека молкот честопати не значи мир, туку продолжување на проблемот. И дека она што се нарекува „чување на редот“ понекогаш само го прикрива она што најмногу треба да се промени – вели авторот и режисер Јане Спасиќ, осврнувајќи се на претставата.

Тој додава дека живееме во време кога поголемиот дел од растењето на нашите млади се случува пред екраните, а нивната вредност јавно се мери преку социјалните мрежи.

– Ние, постарите, тешко го разбираме овој свет и често го осудуваме, па поради тоа го губиме контактот со нив и со нивната реалност. Ваквата „комуникациска тишина“ ги остава младите сами да се снаоѓаат во своите најранливи години и во тој хаос неретко се доведуваат до ризични ситуации што може да остават трајни белези и трауми. Со оваа претстава сакав да отвориме дијалог и да им покажеме на младите дека театарот се обидува да ги слушне и да ги разбере. За родителите и за возрасните, се надевам дека оваа претстава ќе биде прозорец кон светот на младите, кој често изгледа неразбирлив и далечен, свет кој за нашите млади е дел од нивните идентитет и достоинство – вели Спасиќ.

Според него, „Челинџ“, од една страна, е претстава за предизвикот пред сите нас: како да ги вратиме довербата и дијалогот меѓу генерациите. Но, „Челинџ“, пред сѐ, е претстава за борбата на младите да ја вратат вербата во себе и да разберат дека може да го направат ова општество подобро и поубаво место за живеење, додава Спасиќ.

„Челинџ“ не ги дава одговорите наместо младите, туку поставува прашања што одамна чекаат да бидат чуени. Претставата не нуди утеха, туку поглед одблиску. Не ги разубавува работите, туку ги нарекува со вистинското име. И токму затоа остава трага, затоа што го отвора просторот што им припаѓа на младите, но премногу често им се одзема: просторот да зборуваат. И да бидат сфатени сериозно. Претставата ја покажува штетата што настанува кога учи младиот човек дека е побезбедно да молчи отколку да зборува.

Во претставата настапуваат: Никола Наковски во улогата на Немања, Ангела Димитрова како Ина, Бојан Кирковски како Исток, Матеа Јанковска како Ана, Ненад Митевски како Трајко, Изабела Новотни како психологот Милица, Драган Довлев како директорот Аврамов и Ана Левајковиќ-Бошков во улогата на детективката Тања. Сценографијата е на Симе Атанасијевиќ, костимографијата на Илина Чолак, а дизајнот на плакатот го потпишува Матеја Николиќ.

Претставата трае 78 минути и е наменета за публиката на возраст од 12+ години.

Дијалозите се искрени, често прекинати или недовршени, но токму во таа нефилтрирана комуникација се крие вистинскиот ритам на генерацијата. Таа форма не само што ја зголемува автентичноста туку и го руши ѕидот помеѓу сцената и публиката – претставата не се игра „пред“ младите, туку заедно со нив.

ИЗДВОЕНИ