Легендарната победничка од Балканското шоу “Никад није касно“ пред својот 98. роденден: Мојот Дојран е идеално место за долг, квалитетен живот, и тоа го овозможува. Со многу сонце, кое на организмот му дава сила да создава имунитет, природен заштитник од болештините и од преморот. Така, секогаш кога е убав денот, времето го поминувам во мојот двор. Се дружам со животинчињата и со цвеќињата
Добрила Чабриќ, највозрасната пејачка на Балканот, ако не и пошироко, слободно може да го носи епитетот „челичната музичка дама“ од Дојран. Секогаш со позитивна енергија, секогаш расположена за песна и игра. Пред некој ден се видовме во Гевгелија, а тоа беше убав момент да поразговараме со неа за весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press во пресрет на нејзиниот 98. роденден, кој свечено ќе си го одбележи в недела, на 1 февруари, во својот Дојран, во кругот на најблиските и најмилите луѓе. Да ѝ посакаме среќен роденден, добро здравје и мирно (Дојранско) „Море“
– Добрила, што е она најважното што ќе си посакаш за својот 98. роденден?
0 Пред сè, нека биде убав, сончев ден. Потоа, да не ме боли ништо. Гласот и понатаму да ме служи, за да им покажам на помладите луѓе, а секако, и на пензионерите, дека имам сила да продолжам да го живеам животот. Како и досега, со полни гради дишам. Желбата ми е да наполнам, пред сè, тие 100 години, за можам да ја издадам и мојата втора книга. За понатаму ќе видиме.
– Пред десетина дена, гостуваше во емисијата „Здрава приказна“ на Телевизија Србија, посветена токму на пензионерите и на здравиот живот. Што им порача на највозрасните, на твоите врсници?
0 Го кажав тоа што постојано го велам, дека мене ми е судено да ја доживеам 130 година од животот. Тоа го посакувам, зошто да не?! Не, не е шега. Имам дебела причини за тоа. Мојот Дојран е идеално место за долг квалитетен живот, кој го овозможува тоа. Со многу сонце, кое на организмот му дава сила да создава имунитет, кој е природен заштитник од болештините и од преморот. Така, секогаш кога е убав денот, времето го поминувам во мојот двор. Се дружам со животинчињата и со цвеќињата. А, ако денот е лош, доколку врне, си седам дома, готвам, читам некоја книга или плетам. Имам сè уште желба да живеам, иако животот не ми бил секогаш совршен. Животните проблеми секогаш ги решавам на мирен начин, не со нервоза. Во секој тежок момент имам свои сопствени кочници. Смирено се обидувам да најдам решение за проблемот. За сите пензионери имам едноставна порака: не мислете на својата старост, движете се почесто, хранете се здраво, со многу свежо овошје и зеленчук, а духовно задржете ја младоста во душата. Во мојата душа сè уште царува младоста.
– Во Белград замина со својот автомобил? Па, како така на тие години?
0 Па, најнормално! Со мојот „матиз“. Автопатот низ Србија е сега одличен. Сè уште имам и добар вид, добро слушам, немам висок притисок и еве, веќе 70 години поседувам возачка дозвола. Секоја година ми ја продолжуваат, а јас мислам дека ќе возам сè додека ми важи личната карта. Таа е со важност до 2032 година.
– Многу подобро изгледаш во 98. година отколку многу жени во своите 70 години. Има ли тајна за тоа и како се чувствуваш сега?
0 Тоа е, пред сè, поради моето генетско наследство, a потоа поради исхраната. Како што кажав, се постигнува со редовна употреба на свежо овошје и зеленчук. На сето тоа, „додатокот“ е ова прекрасно Дојранско Езеро, воздухот што овде го дишам. Сакам да се дружам со луѓето. Никогаш не сум сама. Ништо не планирам однапред и љубопитно, штом ќе се разбудам, чекам што ќе ми донесе новиот ден. Но, морам да бидам најискрена, а да не ме разберете погрешно. Понекогаш ја немам веќе онаа сила како некогаш. Гледам по тоа што многу работи кои некогаш сум можела да ги правам, сега не можам. Чувствувам дека секоја наредна година од животот ме стега како некој обрач. Ама, да не се жалам. Како што ме дал господ, јас сум оптимист и ќе патувам, реков, до 130 година!
– Иако ти е роденден во недела, твојот ден за наздравување и пеење, неизбежно морам да те потсетам на неодамнешната прослава на 80 години од постоење на Македонскиот народен театар. Меѓутоа, драга Добрила, зошто тебе, како една од првите актерки од 1946 година, те немаше на таа прослава?
0 Ќе бидам искрена, како и секогаш. Разочарана сум и воедно навредена, поради однесувањето на директорот на МНТ, господинот, Никола Кимовски, бидејќи не бев поканета на свеченоста по повод прославата на 80 години од формирањето на Македонскиот народен театар. Во оваа пригода, еве, сакам да го потсетам дека во МНТ сум вработена од 1946 година. Играв во првата претстава на македонски јазик, „Платон Кречет“. За единаесет години активна актерска кариера, остварив 29 улоги. Впрочем, добитничка сум на Државната награда на Народна Република Македонија за најдобра женска улога, за улогата Глафира во „Волци и овци“. Јавно им благодарам на Игор Џамбазов и на Благоја Чоревски што му предложиле на директорот Кимовски да ме повика на таа прослава. Но, не знам од кои причини, тој не го стори тоа? Затоа сум разочарана! Да истакнам и дека сум наградена и со наградата на Радиодифузијата за Денот на Југословенското радио, заедно со легендарните Мира Ступица и Миливоје Живановиќ. На Радио Скопје, заедно со Петре Прличко, ја водев емисијата „Весела вечер“. Заедно со помладата Милица Стојанова сме најстарите живи театарски актерки во Македонија.
– Имаш ли некоја неостварена желба, и дали, да можеш, би променила нешто во својот живот?
0 Да, имам желба некој режисер да се нафати да сними филм за мојот бурен професионален, но и приватен живот. Гарантирам дека тоа би бил најгледан игран филм, погледан од оној филм за пејачот Тома Здравковиќ. Еве, јас со причина велам дека тоа би било остварување за „Оскар“. Во приватниот живот ништо не би сменила. Како е така е. Сметам дека сум се остварила и како жена, и како мајка и како другарка на моите другарки. Со нив сум, како и тие со мене, секогаш тука и во доброто и во лошото.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












