Конзервативната политичарка, која се угледува на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, стана првата жена премиер на Јапонија. Јапонскиот парламент го потврди изборот на Санае Такаичи за нова премиерка, откако нејзината владејачка партија ги обезбеди гласовите на клучен коалициски партнер.
Така таа стана првата жена премиер во историјата на Јапонија.
Поранешната министерка во владата и ТВ водителка, како и поранешна тапанарка во хеви метал бенд, сега ќе се соочи со бројни предизвици, вклучувајќи борба со забавување на економијата, домаќинства кои страдаат од немилосрдна инфлација и стагнација на платите, како и земја која се соочува со ниска стапка на наталитет и растечки геополитички тензии.
Таа, исто така, ќе мора да најде решение за бурните односи меѓу САД и Јапонија и да го спроведе договорот за тарифи постигнат со администрацијата на Доналд Трамп од претходната влада.
Таа е родена во префектурата Нара во 1961 година. Нејзиниот татко бил службеник, а нејзината мајка полицајка.
Политиката беше далеку од нејзиното воспитување.
Некогаш страствен тапанар на хеви метал, таа беше позната по тоа што секогаш носеше многу стапчиња со себе бидејќи често ги кршеше додека силно свиреше тапани. Таа беше и нуркач, а позната е и како љубител на автомобили – нејзината сакана Тојота Супра сега е изложена во музеј во Нара. Пред да влезе во политиката, Такаичи кратко работеше како телевизиска презентерка.
Нејзината политичка инспирација дојде во осумдесеттите години, на врвот на американско-јапонските трговски тензии.
Решена подобро да го разбере американскиот став за Јапонија, таа работеше во канцеларијата на демократката Патриша Шредер, конгресменка позната по критикувањето на Јапонија.
Такаичи ги гледаше Американците како ги мешаат јапонските, кинеските и корејските јазици и кујни, забележувајќи како Јапонија честопати беше ставана во група со Кина и Јужна Кореја.
Се кандидираше на своите први парламентарни избори во 1992 година како независен кандидат, но загуби. Не се откажа, освои пратеничко место една година подоцна и се приклучи на ЛДП во 1996 година. Оттогаш, таа е избрана за пратеничка 10 пати, губејќи само еднаш, и изгради репутација како еден од најгласните конзервативни гласови во партијата.
Таа, исто така, имаше високи позиции во владата, вклучувајќи ја министерката за економска безбедност, државната министерка за трговија и индустрија, и имаше рекорден мандат во Министерството за внатрешни работи и комуникации.
Во 2021 година, Такаичи влезе во трката за лидерство на ЛДП за прв пат, но загуби од Фуми Кишида. Се обиде повторно во 2024 година, овој пат водејќи во првиот круг од изборите, но на крајот загуби од Шигеру Ишиба. Оваа година, во третиот обид, таа ја обезбеди победата.
„Мојата цел е да станам „Челична дама““, им рекла таа на група ученици за време на неодамнешната кампања.
„Челична или железна дама“ е терминот што медиумите ѝ го дале на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер.
Како штитеник на покојниот Шинзо Абе, Такаичи вети дека ќе ја оживее својата економска визија наречена „абеном“ – високи владини трошоци и евтино задолжување.












