Во најкраток временски период ќе знаеме точно кој метод ќе го примениме при изградбата на хидроцентралата „Чебрен“, но, секако, сакаме да биде македонски државен проект, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
– Најубаво е, како држава, сами да ја изградиме, но се работи за проект што ќе чини најмалку една милијарда евра, што не е мала ставка знаејќи каков ни беше буџетот – рече Божиновска.
Досега имаше 14 неуспешни тендери за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, последниот што пропадна беше во јануари 2024 година. Грчката компанија „Архиродон“, избрана како најповолен понудувач во септември 2023 година, не ја продолжи банкарската гаранција, што доведе до поништување на тендерот. Министерката за животна средина, Каја Шукова, изјави тогаш дека компанијата не обезбедила средства од банките за реализација на проектот.
Идејата за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ датира уште од 60-тите години на минатиот век, но досега сите обиди за реализација беа неуспешни. Нагласи дека уште во декември е формирана работна група за „Чебрен“, под координација на Министерството, која веќе имаше неколку состаноци.
– Проектите за „Чебрен“ што се во ЕСМ се од 1962 година и досега имаше 14 неуспешни тендери. Овој пат сакаме сè да направиме како што треба. Разгледуваме дали ќе биде „Чебрен“ со „Галиште“, колку метри ќе биде браната и при крај сме со пресметките колку ќе чини тоа – појасни Божиновска.
За новиот Закон за енергетика, кој беше изгласан неделава во Собранието, рече дека се чека да биде потпишан од претседателката и да стапи во сила, потенцирајќи дека е битно што е направен првиот чекор и е донесен Законот.
– Некои работи што се предвидени во Законот веќе почнавме да ги работиме, како што е енергетската сиромаштија за која веќе се изработува методологијата. Некои фирми веќе ги разгледуваат опциите за изградба на батерии за складирање електрична енергија произведена од обновливи извори. Тоа значи дека се веќе почнати неколку работи, но станува збор за процес. Нешто ќе биде брзо, а нешто пополека, зашто ќе треба да се изработат и подзаконски акти – оцени Божиновска.