Скандалозните случувања на Клиниката за онкологија од минатото се предмет на судење во Основниот кривичен суд, за злоупотреба на терапијата во времето кога директор беше првообвинетиот Никола Васев.
Сведок на последното рочиште обелодени дека семејството морало да даде мито од 500 евра за лекот што го добивале од фрижидерот во канцеларијата на докторот Васев. Ваквото тврдење на сведокот произлеле од прашањето на јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, дали имале проблем со обезбедување на терапијата. Сведокот рече дека имале проблем за нејзино обезбедување и најпрво оделе во Турција, но тоа ги чинело многу пари, па потоа на Клиниката, каде, како што рече, морале да дадат мито од 500 евра за да ја добијат секоја доза од терапијата. Лекот, како што појасни сведокот и бил даван на медицинска сестра за да го стави на пациентот.
– Немам документи, немам докази зошто не мислев дека ќе ми требаат. Ги исфрлив, но верувам ги има во досиејата, рече сведокот и дополни дека не пријавил мито бидејќи не знаел каде да пријави.
Парите според сведокот не биле давани пред медицинската сестра, туку дека влегувале во кабинетот на докторот, „се почастувале за кафе како што бил договорот” и потоа тој и го давал лекот на медицинска сестра.
Уште еден од сослушаните сведоци зборуваше за лекувањето на нејзината мајка од онкологот Симонида Црвенкова, за што не рече дека и биле барани и давала средства, но оти ги давала со срце и душа зошто спасот го гледала во докторката. Пред судот рече дека немала намера ништо што дала, на некого да го пререче, но, како сепак била изреволтирана од тоа што го дознала за случувањата на Клиниката.
На ова реагираше обвинетата докторка- онколог Симонида Црвенкова, која негираше дека некогаш побарала или добила средстав за нејзината работа.
-Целиот мој живот сум го посветила на себеобразување и доброто на пациентите и никогаш во животот ниту сум побарала, ниту сум добила, средства. Тоа е многу тешко обвинение за мене. Мене ми е многу жал, јас работам 30 години со оваа болест и јас знам што значи, изјави Црвенкова.
Одбраната на обвинетиот Васев се сомнева во усогласеност на прашањата на обвинителот и одговорите на сведоците.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Второобвинетата Мери Пешевска, претходно призна вина пред Судот, по што беше осудена на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет. (П.А.)












