Часовниците на Трамп го отчукаа своето, купувачите се жалат на квалитетот и на бавната испорака 

37

Американскиот претседател Доналд Трамп не ги запоставува своите бизниси додека ја води државата. Еден од нив е производство на часовници, кои најчесто ги купуваат неговите верни поддржувачи познати како МАГА, според неговиот предизборен слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“ (Make America Great Again). Но, во последно време, тие изразуваат сè поголемо незадоволство од претседателските часовници што скапо ги платиле. Велат дека за цената, што не е мала, добиле лош квалитет, а освен тоа, испораката им доцнела. А има и такви кои платиле, а воопшто не го добиле нарачаниот часовник.

Оценките за претседателските часовници се во просек 2,7 ѕвездички од 5, според „Траст Пајлот“, при што многу клиенти оставаат лоши оценки, критикувајќи ја продажбата како „измама“. Од сите оценки, 62 процента биле негативни, а 58 проценти од купувачите дале само една ѕвезда, пишува „Индепендент“. Реклами за колекцијата часовници на Трамп наречена „Борба, борба, борба“ сега редовно се емитуваат на каналот „Њузмакс“. Нивните цени се движат од 499 до 799 долари, па одат и погоре за дизајни изработени по нарачка. Според официјалната веб-страница освен „Борба, борба, борба“, во понуда се и други стилови, како на пример, „Црвена убавина“ и „Прва дама мини“, како што се наречени часовниците со „жешка“ розова боја, според официјалната веб-страница.

На страницата на која се продаваат претседателските часовници, наведува „Индепендент“, има проценет рок за испорака за сите производи, кои наводно се изработуваат по нарачка, но стои и тоа дека времето на пристигнување на производите не е гарантирано. И покрај ова, многу рецензии што ги видел весникот, чија автентичност не можел да ја потврди, изразувале разочарување од долгото чекање на часовниците и недостатокот на ажурирања, или комуникација со компанијата.

„Планирам да тужам. Ова е измама!“ напиша еден клиент, кој тврди дека нарачал часовник од 900 долари во јануари со ветена испорака во март. Тој вели дека се обидел да ја откаже нарачката во април, но бил одбиен. „Ова е моето најлошо искуство со онлајн купување“, додаде тој, пишува „Индепендент“. „Не е доставен часовникот. Нечесните и лажни одговори од службата за корисници се и автоматизирани и веројатно  од живи луѓе“, напиша друг. „Требаше да знам дека неуспешен бизнисмен кој ја измамил земјата, исто така, ќе ги измами клиентите“, додаде трет. Други се пожалија на лошата услуга за корисници, но посочија дека самиот претседател не е виновен и дека компанијата за дистрибуција го оцрнува неговото име. „Моите ќерки нарачаа часовник „трамп“ и по пет месеци чекање не добија ништо. Штета што оваа компанија не се држи до високите стандарди на претседателот Трамп. Ова беше подарок за мојот 80. роденден!“, напиша еден клиент. Друг коментар гласи: „Ова е измама. Никогаш не се испорачуваат часовниците… Поднесувам повеќе жалби до ФТЦ. Исто така, ќе ѝ пишам на организацијата ’Трамп’, тие барем треба да знаат дека оваа компанија која го користи името на Трамп е измамничка.“ „Индепендент“ објави и коментар од корисник во кој стои: „Сакам претседателот Трамп да биде известен за тоа што им направила оваа компанија на клиентите. Прочитав многу приказни за луѓе кои никогаш не го добиле својот часовник!“

Но, има и такви муштерии кои се многу импресионирани и од производот и од испораката, а еден задоволен клиент објавил осврт во стилот во кој пишува претседателот. „Бев исплашен и загрижен дека ова ќе биде измама. Но, не беше. Беа потребни околу 45 дена за да го добијам часовникот. Го купив како подарок за пензионирање за колега. Непотребно е да кажам дека беше многу возбуден кога го виде. Прекрасен часовник…“, напишал тој меѓу другото.

ИЗДВОЕНИ