Од „Зелен хуман град“ потенцираат дека урбаните компостари му се неопходни на Скопје, бидејќи: ќе го намалат комуналниот отпад за најмалку 60 %; ќе го претворат биоотпадот во органско ѓубриво; ќе го намалат трошокот за транспорт и депонирање на отпадот за најмалку 60 %; ќе го елиминираат самозапалувањето на депониите; ќе го намалат количеството испуштени стакленички гасови; ќе го доближат градот до постигнување на целта нула отпад; ќе ги зголемат одржливоста и отпорноста на градот, а ќе отворат и можност за креирање партнерство меѓу институциите, здруженијата и бизнисите

 

Градот мора да започне со поставување биокомпостари во секое соседство во секоја општина во Скопје (кои ќе имаат финален продукт компост/хумус), со што ќе се елиминираат трошоците за транспорт (и загадувањето од камионите што би го носеле ѓубрето во депонија ако нема дисперзирани компостари).

Од „Зелен хуман град“ сметаат дека на овој начин ќе бидат елиминирани 60 % од вкупниот комунален отпад, бидејќи, како што велат, најмалку 60 % од него е биоотпад од домаќинствата, угостителските објекти, пазарчињата и слично, што, исто така, може да се пренамени во компост и во органско ѓубриво за земјоделството.

– Покрај малите компостари со финален производ компост/хумус, Градот Скопје, во соработка со државата, може да направи една голема компостара и биогасна централа во која ќе се носат биоотпадот од прехранбената индустрија од околината и отпадот од лисја и гранки што го собираат од ЈП „Паркови и зеленило“. Таа централизирана компостара, покрај компостот, да произведува и метан, како продукт што ќе се искористи за производство на електрична енергија – предлагаат од „Зелен хуман град“.

Оттаму потенцираат дека урбаните компостари му се неопходни на Скопје бидејќи, освен што ќе го намалат комуналниот отпад: ќе го претворат биоотпадот во органско ѓубриво; ќе го намалат трошокот за транспорт и депонирање на отпадот за најмалку 60 %; ќе го елиминираат самозапалувањето на депониите; ќе го намалат количеството испуштени стакленички гасови; ќе го доближат градот до постигнување на целта нула отпад; ќе ги зголемат одржливоста и отпорноста на градот, а ќе отворат и можност за креирање партнерство меѓу институциите, здруженијата и бизнисите.

– Компостарите мора да се доволно густо поставени во населбите за да им бидат достапни на сите корисници без да им треба превоз. Само така ќе се обезбеди максимална ефективност во управувањето со биоотпадот – потенцираат од „Зелен хуман град“.

Тие објаснуваат дека компостарите со затворен систем претставуваат затворен автоматизиран процес, не произведуваат никаков мирис и ги штитат сите медиуми на животната средина.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ