– Во последните две години, ние не ги променивме цените, а во меѓувреме се зголемија цените на суровините и на работната рака. Не смееме да ги зголемиме цените поради мерките на Владата и честите контроли од инспекторите на Државниот пазарен инспекторат. Поради непредвидливоста и честото менување на законите, не можеме да инвестираме во нова опрема и во развој. На секои два месеца имаме нова мерка. Сите овие ограничувања се кочница за развој на индустријата, за проширување на капацитетите и за производство на нови производи – вели за весникот ВЕЧЕР Гоце Трајчев, директор на МИК „Свети Николе“
Месната индустрија се соочува со сериозни проблеми поради постојаните мерки за ограничување на цените и маржите. Цените на сувомесните производи не се променети со години и покрај тоа што се зголемија цените на суровините и платите на работниците. Сопствениците на компаниите од оваа индустрија велат дека и барањето за намалување на царините за смрзнато свинско месо од увоз наменето за производство останало нереализирано. Сето ова многу неповолно се одрази врз работењето на компаниите од оваа индустрија, кои работат само за голо преживување.
– Во последните две години, ние не ги променивме цените, а во меѓувреме се зголемија цените на суровините и на работната рака. Не смееме да ги зголемиме цените поради мерките на Владата и честите контроли од инспекторите на Државниот пазарен инспекторат. Поради непредвидливоста и честото менување на законите, не можеме да инвестираме во нова опрема и во развој. На секои два месеца имаме нова мерка. Сите овие ограничувања се кочница за развој на индустријата, за проширување на капацитетите и за производство на нови производи – вели за весникот ВЕЧЕР Гоце Трајчев, директор на МИК „Свети Николе“ и претседател на Групацијата за преработка на месо и производи од месо при Стопанската комора.
Според Трајчев, непродолжувањето на мерката за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка ги прави домашните производи поскапи и понеконкурентни од оние во соседството. Со постојните царински давачки, нашите компании беа доведени во крајно нерамноправна положба во однос на индустриите од увозот, пред сè од земјите во соседството. Готовите производи однадвор влегуваат со нула проценти давачки, додека домашните преработувачи, при увоз на суровина, плаќаат од 25 до 35 проценти царина на суровината. Земјите во околината немаат царина, освен Србија, каде што е 8 проценти, што е драстично помала царинска давачка од онаа кај нас, а најголемата конкуренција доаѓа токму оттаму.
Трајчев вели дека царинската стапка останала иста и дека поради непродолжувањето на мерката за 20 до 30 отсто биле намалени производството во месната индустрија и бројот на работници.
– Ние, во последната една и пол година, немаме промена на ценовниците. Може да се види тоа и од нашите ценовници, кои ги објавуваме на нашата веб-страница. Така, на пример, парче чаен колбас од 230 грама чини 220 денари и оваа цена е иста последниве две години. Слична е состојбата и со саламите и со другите сувомесни производи. Во последните две години, ние постојано сме под мерки и не можеме да ги менуваме цените – вели Трајчев.
Тој додава дека не е против мерките, кои имаат цел заштита на стандардот на граѓаните, но дека се потребни и некои поволности и за компаниите.
Инаку, од Владата најавуваат нови мерки доколку покаже анализата на Државниот пазарен инспекторат дека имало поголемо прекршување на цените. Меѓу мерките што се планира да бидат донесени се повторно ограничување на маржите, зголемување на постојните лимити или проширување на листата на производи. Целта, како што велат од институциите, останува иста – заштита на стандардот и стабилност на цените.
(А. С.)