
Каталонскиот гигант Барселона го освои трофејот во шпанскиот Суперкуп откако го победи вечниот ривал Реал (М) со 3:2 во фантастичното финале кое се одигра во Саудиска Арабија, a јавноста во Шпанија е шокирана од зборовите на Чаби Алонсо по поразот на неговиот тим во „Ел Класико“.
Бранителот на тронот во Ла Лига поведе во 36-тата минута со голот на Рафиња, а потоа се случи вистинска лудост во судиското продолжение од првото полувреме, кога навивачите беа сведоци на три гола за само неколку минути.
Винисиус прво го израмни резултатот на 1:1, но во следниот напад Левандовски постигна гол за 2:1 по одличната асистенција од Педри. Сепак, во последните секунди од првото полувреме, Реал (М) стигна до 2:2 и тоа со погодокот на Гонзало Гарсија.
Сепак, во второто полувреме, Барселона ја затресе мрежата на Реал (М) по трет пат и дојде до толку посакуваната победа. Решавачкиот момент се случи во 73-тата минута кога Рафиња, со помош на Асенсио, го совлада Куртоа и го постави конечниот резултат 3:2.
Предводникот на „кралскиот клуб“, Чаби Алонсо, беше во центарот на вниманието по натпреварот поради неговите зборови, кои искрено, не беа одобрени од најверните навивачи на Реал (М).
Алонсо верува дека овој пораз не е толку тежок бидејќи е финале во најнезначајното натпреварување, но навивачите на Реал (М) не покажаа милост кон него за тоа и веруваат дека нема да биде изненадување ако наскоро биде отпуштен.
„Кога го примивме третиот гол, бев 100% сигурен дека имаме шанса да израмниме. И го сторивме тоа, но топката едноставно не сакаше да влезе во голот“, изјави Алонсо на почетокот и продолжи:
„Мораме што поскоро да свртиме нов лист. Ова е само еден натпревар и тоа е натпреварот од Суперкупот. Од сите натпреварувања во кои учествуваме, ова беше најмалку важно. Мора да продолжиме понатаму, да се опоравиме, да го подигнеме моралот и да се фокусираме на она што доаѓа.“
Сепак, навивачите на Реал (М) не им простуваат вакви порази од својот најголем ривал, особено затоа што ова е трето финале по ред во кое Барселона ги победи.
Исто така, се шпекулираше дека Суперкупот може да биде пресвртница за Алонсо во Реал (М) и дека Флорентино Перез сериозно ќе размисли за својата судбина ако „кралевите“ не се вратат во Мадрид со трофејот, што на крајот не се случи.
За разлика од Алонсо, предводникот на Барса, Ханси Флик, ја запиша и осмата победа во осмиот финален натпревар откако е тренер на некој фудбалски клуб.
– Во добро расположение сме, имаме многу самодоверба во моментов. Ова финале беше многу важно за нас бидејќи натпреварите против Реал Мадрид секогаш се нешто посебно. Повторно го освоивме трофејот, а тоа е фантастично. Добро е кога сме фокусирани, концентрирани и играме како што игравме денес. Тоа е важно. Менталитетот на Рафиња е неверојатен, неговата динамичност влијае на целиот тим. Тој ја пропушти првата шанса, но беше таму во втората и го постигна првиот гол, што му даде на тимот поголема самодоверба. Тоа е она што Рафиња го носи на теренот – високиот интензитет што ни е потребен, изјави германскиот стручњак на прес-конференција.











