Изведбата на претставата „Приказната на Електра“ не само што се истакна со својата оригинална интерпретација на оригиналот на Софокле, реализирана на квадратно платно, туку понуди и уникатно искуство, покажувајќи како може да се спои театарот со аудиовизуелната технологија за да се прошири во бескраен простор. Петтемина актери со целото свое тело ја изразуваа режисерската намера во краткорочната соработка на режисерот и тимот од различна јазична и културна средина, притоа изразувајќи ги емоциите на своите ликови.
Бурни аплаузи и стоечки овации за уникатното театарско доживување. Вака накратко може да се опише атмосферата на европската премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, со која завчеравечер, во Центарот за култура „Григор Прличев“, беше спуштена завесата на јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“. Овој копродукциски проект на Театарската асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и на НУ „Охридско лето“ со право предизвика голем интерес кај љубителите на театарската уметност во државата и пошироко.
Имено, изведбата на претставата не само што се истакна со својата оригинална интерпретација на оригиналот на Софокле, реализирана на квадратно платно, туку понуди и уникатно искуство, покажувајќи како може да се спои театарот со аудиовизуелната технологија за да се прошири во бескраен простор. Петтемина актери со целото свое тело ја изразуваа режисерската намера во краткорочната соработка на режисерот и тимот од различна јазична и културна средина, притоа изразувајќи ги емоциите на своите ликови. Тие не само што ги одиграа своите улоги туку и се усогласија со технологијата. Во епилогот, режисерот сакаше да пренесе порака за мир и помирување, а не за војна или одмазда, преку ликот на Електра.
Годинава, „Охридско лето“ понуди уникатна програма, која привлече голем број посетители.
– На фестивалскиот репертоар беа 28 настани од областа на класичната музика, седум театарски претстави, а во дополнителната програма – и ликовна изложба и проекција на филмови. На сцените на фестивалот: Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, Долни Сарај, Центарот за култура „Григор Прличев“, како и „Форт кафе“ под Самуиловата тврдина, продефилираа над 1.000 извонредни уметници од САД, Чешка, Франција, Австрија, Литванија, Турција, Молдавија, Германија, Полска, Грција, Холандија, Израел, Хрватска, Црна Гора, Кина, Велика Британија, Србија, Русија, Швајцарија, Шпанија, Унгарија, Јужна Кореја и од Македонија. Според резервациите за билети, во публиката имаше и бројни посетители од над 30 земји од сите континенти – додаваат од „Охридско лето“.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, е задоволен од посетеноста на годинашното јубилејно издание на фестивалот и од реакциите на публиката.
– Воодушевен сум, пред сè, од реакциите на публиката, затоа што, освен спектакуларното отворање, бевме распродадени секоја вечер. Тоа е показател дека се исплати трудот што го вложивме при креирањето на програмата и при нејзината реализација од страна на целиот тим на „Охридско лето“. Со оглед на тоа што и на отворањето на фестивалот, на 12 јули, Охрид беше делумно празен, нашите сцени беа постојано полни. Тоа значи дека фестивалот сам по себе привлекува туристи, а тоа била и неговата намена при формирањето, заедно со уште неколку фестивали во поранешна Југославија. Сметам дека „Охридско лето“, кога има квалитетна програма, има и што да понуди. Има туристи што доаѓаат во овој период за да слушнат квалитетна класична музика и за да гледаат врвни театарски претстави – вели Цуцковски.
Според него, квалитетот на програмата и реномето на фестивалот ќе бидат задржани и надградени и на следното 66. фестивалско издание.
– Јас, како раководител на национална установа што треба да ги штити трајните вредности, секогаш ќе се борам за квалитетот и за врвната уметност, за класичната музика и драмските претстави, да го зачуваме нивото на фестивалот, кое е негувано и одржувано 65 години, да продолжиме да го надградуваме и да им оставиме на идните поколенија да има со што да се гордеат – додава директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Покровител на „Охридско лето“ е претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Фестивалот е финансиран од Владата, преку ресорното Министерство за култура и туризам.
Меморандум за соработка меѓу „Охридско лето“ и театрите на Јужна Кореја
НУ „Охридско лето“ и Театарската асоцијација на Јужна Кореја потпишаа меморандум за соработка во областа на културата. Целта е интензивирање на соработката помеѓу фестивалите, како и отворање простор за реализација на заеднички проекти и програми, размена на проекти, програми и искуства, како и зајакнување на културната соработка помеѓу земјите потписнички. Спогодбата ја потпишаа директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, и претседателот на корејската асоцијација, Сен Јеунг Ву. Оваа соработка отвора нови перспективи за македонската уметност, смета директорот Цуцковски.