– Универзалната тема за апсурдноста на војувањето, која режисерот Морфов умешно ја преточил во претстава, силно ја допре публиката во Ќустендил, во која имаше и гледачи дојдени од Софија и од Македонија. Иако беше обезбеден превод на бугарски и на англиски јазик, речиси никој од присутните не ги следеше активно, затоа што публиката чувствено ја доживеа приказната преку импулсите на актерите, разбирајќи ја нивната емоција – велат од Македонскиот народен театар
Македонскиот народен театар вчеравечер имаше чест да ја отвори првата фестивалска вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“ во Ќустендил, Бугарија. Претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, а во режија на Александар Морфов, беше одиграна пред преполна сала со 700 гледачи, кои ја наградија маестралната актерска игра со громогласни стоечки овации и со петминутен аплауз.
– Универзалната тема за апсурдноста на војувањето, која режисерот Морфов умешно ја преточил во претстава, силно ја допре публиката во Ќустендил, во која имаше и гледачи дојдени од Софија и од Македонија. Иако беше обезбеден превод на бугарски и на англиски јазик, речиси никој од присутните не ги следеше активно, затоа што публиката чувствено ја доживеа приказната преку импулсите на актерите, разбирајќи ја нивната емоција – велат од МНТ.
Во претставата играат врвните и искусни актери: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
Инаку, фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ е нова европска иницијатива, која ја степенува важноста на меѓукултурната разновидност на театарската сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји. Целта е поттикнување уметничка размена, дијалог меѓу културите и создавање долгорочни партнерства.
– Организаторите се фокусирани на копродукции создадени во духот на меѓународната соработка, кои го акцентираат потенцијалот за вмрежување, интердисциплинарните пристапи и поврзувањето преку границите – додаваат од МНТ.
Првото издание на фестивалот обединува реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и од Бугарија, со програма што, освен претстави, нуди и палета професионални и културни активности: работилници и обука со претставници на Европската комисија од Брисел, посветени на европското финансирање и на мобилноста на театрите. Настанот се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка на претставништвото на Европската комисија во Бугарија, Општина Ќустендил и Сојузот на артисти во Бугарија. Македонското учество е овозможено со поддршка на Министерството за локална самоуправа, преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, финансирана од ЕУ