Присутните во Македонската опера и балет, вчеравечер, со посебно задоволство ја проследија познатата приказна за Клара, Оревокршачот, Кралот на Глувците, снежните кралица и крал, Шеќерната Вила…, која оживеа на сцената со свежа енергија и емоции кои пленат. Со впечатлива сценографија, раскошни костими и позната празнична атмосфера, новата поставка на „Оревокршачка“, во кореографија на Саша Евтимова, беше и вистински празник за публиката

Аплаузи, овации и воодушевеност… Новата поставка „Оревокршачка“ од Петар Илич Чајковски, во кореографија на Саша Евтимова, со впечатлива сценографија, раскошни костими и позната празнична атмосфера, беше и вистински празник за публиката која, вчеравечер, до последно место ја исполни салата на Македонската опера и балет. Присутните со посебно задоволство ја проследија познатата приказна за Клара, Оревокршачот, Кралот на Глувците, снежните кралица и крал, Шеќерната Вила… која премиерно оживеа на сцената со свежа енергија и емоции кои пленат.

Иако можеби се смета дека оваа магична балетска фантазија, емотивна приказна која се движи меѓу сонот и јавето, меѓу детството и зрелоста, повеќе е наменета за помладата публика, присутните од сите возрасти ја следеа во еден здив…

Ова балетско дело покажа дека има универзална моќ да допре до сите генерации и уште еднаш потврди зошто е едно од најомилените на сите времиња.

Изведбата беше наградена со долготрајни аплаузи и овации, кои беа јасен доказ дека оваа нова поставка ги освои срцата на присутните, меѓу кои беа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Особено впечатливи беа настапите на солистите и ансамблот, кои со својата изведба донесоа топлина, магија и сценска уверливост.

А да уживаме во оваа балетска фантазија за соништата, спомените и вистините што ги разбираме дури кога ќе пораснеме, ни овозможија извонредните Гала Кочевска (Клара), Веселин Трајкоски (Лукас – Оревокршач), Христина Наќевска Митрашиновиќ (Шеќерна Вила), Франциско Хименез Руиз (Кавалер), Балаж Лочеи (Снежен крал), Наташа Трендафилова Гицев (Снежна кралица), Бобан Ковачевски (Крал на Глувците), Игор Веланоски (Дроселмаер) и Марко Мијатовиќ (Фриц).

Разиграноста и колоритот во изведбата на учениците од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ на сцената, пак, ја надополнуваше богатата кореографија, задржувајќи го вниманието на присутните во секој момент од двочасовната претстава.

Секако, покрај беспрекорната музичка изведба под диригентската палка на

Едуард Амбарцумјан од Ерменија, посебен печат дадоа и сценографијата на Марија Ветероска и костимите на Марија Пупучевска, па целиот впечаток беше повеќе од магичен.

Затоа оваа нова продукција со право е најава за уште многу успешни изведби, а публиката ќе има можност репризно да ја гледа на сцената на Македонската опера и балет и на 8 април во 20 часот. (Д. Т.)

Фото: М. Угарковиќ

 

ИЗДВОЕНИ