Бурна ноќ во Белград – Полицијата тепаше и апсеше студенти и граѓани, Вучиќ рече дека собирите се криминални

102

Ноќеска по полноќ, во Белград, полицијата извршила насилна интервенција врз студентските и граѓанските блокади, при што, според сведоштва и видеоснимки, употребила прекумерна сила, апсејќи и тепајќи демонстранти на повеќе локации во градот, објави Н1. Најжестокиот инцидент се случил на подрачјето на белградската општина Врачар, каде што интервенирала полицијата со опрема за разбивање демонстранти. Според сведочењето на граѓани и според снимките на социјалните мрежи, полицијата бркала граѓани и ги удирала со палки, а привела повеќе лица, меѓу кои и малолетници. – Ова лудило во кое трошиме државни и јавни средства за заштита на нелегални активности, мора да престане во еден момент – рече претседателот Александар Вучиќ, а студентите порачаа дека нивниот одговор допрва ќе се слушне

 

Нема ноќ што може да го скрие злото и нема темнина што трае вечно, им порача денеска преку својот „Инстаграм“, српскиот владика Григорије Диселдорфски на студентите и на граѓаните што протестираат, но и на полицајците што спроведуваат брутални дејства.

– Сведоци сме на потресни сцени во кои непосредно страдаат млади, студенти, граѓани, чиј единствен „престап“ е тоа што не прифаќаат неправда – напиша, меѓу другото, тој, како реакција на бурната белградска ноќ, кога продолжија студентските и граѓанските протести, а полицијата покажа најголема бруталност досега.

По полноќ, во Белград, полицијата извршила насилна интервенција врз студентските и граѓанските блокади, при што, според сведоштва и видеоснимки, употребила прекумерна сила, апсејќи и тепајќи демонстранти на повеќе локации во градот, објави Н1. Најжестокиот инцидент се случил на подрачјето на белградската општина Врачар, каде што интервенирала полицијата со опрема за разбивање демонстранти. Според сведочењето на граѓани и според снимките на социјалните мрежи, полицијата бркала граѓани и ги удирала со палки, а привела повеќе лица, меѓу кои и малолетници.

Како што пишува Нова.рс, акциите на полицијата уследиле само неколку часа по соопштението на Вишото јавно обвинителство во Белград дека сообраќајните блокади се спротивни на Уставот и на законите на Србија, поради што властите се овластени да реагираат. Првиот полициски напад се случил пред Правниот факултет, каде што студентите седеле пред влезот. Полицајците ги нападнале, ги принудиле да легнат на земја и ги привеле. Според сведоци, полицијата ги влечела, ги тепала и им ставала лисици. Меѓу приведените имало и професори. Слични насилни интервенции биле забележани и кај Машинскиот и кај Технолошкиот факултет, каде што граѓаните и студентите биле прилепени до ѕидовите, удирани и приведувани. Имало апсење и во Нови Сад и блокади во десетина српски града.

Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека се уапсени 23 студенти на Правниот факултет и дека се приведени вкупно 79 лица во полициските станици. Идентификувани се 1.297 лица.

Студентите во блокада објавија на социјалните мрежи дека ја одложуваат планираната акција за денеска поради „невидена репресија и загрозување на Универзитетот и неговите принципи“. Но, рекоа и дека нема да се откажат.

– Нашиот одговор допрва ќе се слушне. Студенти и граѓани, солидарно! – порачаа тие.

Граѓанската непослушност не стивнува, а полицијата утринава интервенираше и ги отстрануваше контејнерите што ги поставуваа демонстрантите за да ги блокираат сообраќајниците. РТС јави дека сите улици во Белград се проодни и дека сообраќајот се одвива нормално. Министерството за внатрешни работи извести дека се отстранети блокадите и дека се проодни сите патишта во Србија откако „групи граѓани и студенти синоќа блокираа одредени раскрсници и мостови“. Демократската партија соопшти дека во текот на протестите, уапсен е професор Стојковиќ, член на Претседателството на партијата и поранешен кандидат за претседател на Република Србија. Исто така, јавниот ТВ-сервис објави дека се примени во болница неколкумина приведени студенти и дека на еден му се скршени клучната коска и неколку ребра.

Демонстрантите денеска се главно, фокусирани на собири и на протести пред полициските станици, каде што се задржани приведените во текот на ноќта и пред Судот во Белград, за каде што беше најавено дека напладне ќе биде донесен студентот на Музичката академија, кој, на видовденскиот протест, се судри со неколку лица што со автомобил влетаа меѓу демонстрантите во обид да ја растурат блокадата.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се огласи за бурната ноќ од Чачак, каде што присуствуваше на свечено отворање на фабрика. Што мисли, кажа како одговор на новинарско прашање.

– Во Србија, собирите се дозволени, дури и нелегалните. Уште полошо, ние секојдневно ги штитиме нелегалните криминални собири. Значи, луѓето се собираат на криминален начин, ја окупираат вашата раскрсница и не го пријавуваат тоа никому. Ги штитиме за да не се случи случајно да влезе некој од две, три или четири страни. Ова лудило во кое трошиме државни и јавни средства за заштита на нелегални активности, мора да престане во еден момент – рече Вучиќ.

Тој додаде дека во Србија и слободата на изразување е нарушена надвор од границите на законските мерки, во кои оние што блокираат велат: „Смрт за полицијата“ и не се срамат од тоа и дури по неколку часа го отстрануваат тоа од својата веб-страница, профил на „Инстаграм“ или од што било друго.

Студентите првпат излегоа на улица на 1 ноември лани, кога се сруши натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица. Тогаш се бараше одговорност, за деновиве протестите, кои не престанаа, да ескалираат во граѓанска непослушност со блокади во градовите во Србија и со барање за предвремени избори.

ИЗДВОЕНИ