Монодрамата „Џеки“, најновата премиера на Драмски театар Скопје го привлече вниманието на публиката, која со бурен аплауз ја награди одличната изведба на актерката Трајанка Илиева-Вељиќ која во претставата го толкува ликот на сопругата на претседателот на САД, Џон Ф. Кенеди. Таа на извонреден начин ја претстави сета болка и траумите на една жена која во очите на светот беше  модна икона, совршена мајка и сопруга. Како што посочува и самата актерка, монодрамата е слика на потиснатите чувства на Џеки, а не на историските факти.

Болката на една жена е болка на сите жени во светот. Токму пораката што ја носи претставата „Џеки“ е дека не смееме да ја чуваме болката само за себе, дека таа не треба да се припишува само на една жена. Болката треба да се сподели, да се слушне, за да може полесно да се надмине, вели за весникот ВЕЧЕР актерката Илиева-Вељиќ. Следната изведба на оваа монодрама, која отвора многу прашања, е веќе вечерва (17 февруари).

Инаку, „Џеки“ е монодрама произлезена од претставата „Драми на принцезите“ на режисерката Жива Бизовичар од Словенија. Претставата е работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек.

Додека ја подготвував претставата имав долги разговори и со режисерката и со драматургот, но гледав многу документарни емисии за Џеки Кенеди, го слушав нејзиниот глас, начин на говор… Во делот каде што ја кажува нејзината поезија, ја доловив мелодијата на нејзиниот глас, а притоа многу научив за историјата на Америка, за нејзината лична загуба, за духовите од минатото, тајните кои биле скриени од неа, а довеле до трагедија… Таа морала да ја прикаже репутацијата, гламурот, да ја покаже големата слика пред јавноста и притоа да не се дознае за големата болка што ја носи… Во претставата се извадени фрагменти од нејзиниот живот, имаме два контрапункта – светлината и темнината… Ништо не е покриено, сè се открива, претставата е брутална и полна со емоции, вели Илиева – Вељиќ, која посочува дека се работи за нештата за кои вистинската Џеки Кенеди не смеела или не можела да зборува во своето време, но ги открива пред крај на животот. Покажува и дека зад гламурот секогаш има нешто скапано…

Прв драматург на претставата е Ник Жнидаршиќ, втор драматург и редакцијата на преводот е на Викторија Рангелова-Петровска, а преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска. Сценограф и автор на музиката е Јан Крмељ, а костимограф е Александар Ношпал. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ