Бурата Бајрон ја парализира Грција: Патиштата под вода, училиштата се затворени/ВИДЕО

1

Бурата Бајрон, која ја погоди Грција, предизвика затворање на голем број училишта, поплавување на патишта и затворање на автопатот Атина-Коринт.

Рано утрово, националниот автопат Атина-Коринт беше затворен во еден дел поради лизгање на земјиштето и насобрана вода, објави „Катимерини“.

Обилните дождови доведоа и до поплавување на други патишта, додека дрвја паднаа во неколку области.

Во зори, преку бројот 112 беше испратена порака до жителите на Мегара и Мандра да се преселат од подрумите и приземјето на зградите на повисоките катови поради развојот на поплавите.

Како што е наведено, противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумската служба и Механизмот за цивилна заштита на регионот се во состојба на готовност.

Надлежните оддели на министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, исто така се ставени во состојба на висока готовност.

Поради бурата Бајрон што ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, ќе бидат затворени денес, објавија грчките власти.

„Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара. Одлучуваме врз основа на научни податоци и не преземаме ризици“, рече гувернерот на регионот Атика, Никос Хардалиас.

Тој додаде дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултации со Цивилната заштита и Министерството за образование.

ИЗДВОЕНИ