Екипата на Лос Анџелес лејкерс игра одлично оваа сезона во НБА-лигата, но очигледно е дека не е баш најдобра атмосферата во нејзината соблекувална.

Како што пишува ЕСПН, претседателката Џини Бас го загубила трпението со Леброн Џејмс поради неговата наводна неблагодарност и прекумерното влијание во работењето на клубот.

Во статијата на Бакстер Холмс насловена „Како внатрешните конфликти во семејството Бас ја забрзаа продажбата на Лејкерс за 10 милијарди долари“ се наведува дека претседателката и косопственичка на франшизата почнала да се дистанцира од Леброн по неуспешната размена на Расел Вестбрук во 2021 година, за која наводно инсистирал тој.

Според изворот, Џини Бас ја разгледувала можноста за размена на Леброн Џејмс во 2022 година, а две години подоцна била нерешителна за продолжување на договорот.

Во статијата особено се истакнува незадоволството во организацијата поради егото на Леброн и очигледната контрола што ја имале тој и агенцијата „Клуч спортс“ врз Лејкерс.

Одлуката на Лејкерс да го избере Брони Џејмс, синот на Леброн (21 година), како 55. избор на НБА-драфтот во 2024 година, се наведува како клучен момент во влошувањето на односите.

Иако покажа одреден потенцијал на приватните тренинзи и на драфтот, тешко е да се игнорира фактот дека Брони, во просек, постигнуваше само 4,8 поени на натпревар во НЦАА-лигата, со тимот на УСЦ, што дополнително ги поттикна обвинувањата за непотизам.

Леброн Џејмс, кој ќе стане слободен агент на лето, сè уште игра на исклучително високо ниво во својата 23. сезона од НБА-кариерата, на 41-годишна возраст.

На последните 19 натпревари, тој, во просек, постигнува по 25,2 поени, 6,6 скока и 6,7 асистенции.

  • Не е фер, со оглед на сето она добро што го направи Леброн за Лејкерс, да бидам вовлечена во семејната драма – одговори Џини Бас за „Атлетик“, неколку часа по објавувањето на статијата.

Таа додаде дека тврдењата дека не бил ценет Леброн „едноставно не се вистинити и се крајно неправедни кон него“.

 

ИЗДВОЕНИ