„Буквождер“ е насловот на новата македонска анимирана серија за деца што ќе се емитува на МРТВ, а чија прва епизода ќе биде премиерно прикажана на 8 ноември со почеток од 20:15 часот, на јавниот сервис.
Режисер на серијата е Георги М. Унковски и таа ја слави магијата на јазикот, пријателството и на заедништвото.
– Нашите мали херои, Дарија, Марко и Филип, заедно со својот чудесен сојузник – бувчето Ѕе, тргнуваат во авантури полни со хумор, музика и корисни знаења за јазикот и за секојдневниот живот. Секоја епизода носи нова мисија и јасна поука за да биде подеднакво интересна и за децата и за возрасните – се вели во најавата за серијата.
Гласовите на Дарија, Марко и на Филип им ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ, а сценариото е на Калија Киселичка.
Томи Џуровски е уметнички директор, дизајнот на звук е на Сашко Поттер Мицевски, а кодизајнот на звук е на Марко Наумовски. Тимот аниматори е составен од Горан Менков, Никола Димов и Дамјан Михаилов, а монтажата е на Марјан Николовски. Композитор на музиката е Георги Шарески. Продуценти на серијата се Горан Игиќ и Мите Кузевски.
– Многу сум среќен што, конечно, „Буквождер“ ќе ја доживее својата премиера. Проект е работен со многу љубов и со феноменална екипа, на која сум многу горд. Носиме свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за децата – вели режисерот Георги М. Унковски, кој е и продуцент на серијата.
Инаку, „Буквождер“ е новото официјално поглавје од проектот „Бушав свет“, токму во годината кога се одбележуваат 40 години од првото емитување на „Бушава азбука“, копродукција на „2БА Продукција“, „Види вака раскажувачко студио“ и МРТВ.
– Ова е едукативна авантура и има цел да ја поттикне љубопитноста кај децата и кај возрасните, но и да ги поврзе световите на „Бушава азбука“ и на „Буквождер“, да си ги вратиме бушавите букви дома преку една нераскажана приказна за нив, што ќе пополни една голема празнина од 40 години и ќе нè одведе поблиску до реализација на „Бушав буквар“, последното дело на Горан Стефановски и играно продолжение на „Бушава азбука“. Со емитување на МРТ и со паралелна дистрибуција на нашите социјални мрежи, ја правиме серијата достапна, бесплатна и блиска до семејствата – истакнува продуцентот Горан Игиќ, кој е и коосновач на „Види вака раскажувачко студио“.
Првата сезона од „Буквождер“ има 10 епизоди и е планирано, покрај нив, да се појават и дополнителни содржина како песни, едукативни видеа, сликовници, игри за развој на креативноста и слично.
Македонската јавност ќе може да ја гледа анимираната серија „Буквождер“ и на јутјуб-каналот на „Бушава азбука“, како и на каналите на „Види вака“ а сè со цел да стигне до што е можно повеќе деца и родители во Македонија и во дијаспората.






