Буквите од Законот не го спречуваат насилството врз жените

Фемицидот во Велес го вклучи алармот за институционална заштита

51
Close up desperate woman sitting on chair crying at home. Depressed frustrated millennial female having emotional problems, fears, worried and hopeless. Psychological therapy, no energy, lack of sleep

Еден куп институции според Законот за спречување и заштита на насилство врз жените се надлежни да преземат мерки преку кој нема да дојде до најлошото, како што беше случај со Росица Коцева. И додека внатрешната контрола на МВР, испитува дали инспекторите во СВР Велес и СВР Скопје каде десетици пати го пријавувала демнењето, понижувањето и насилството од поранешниот партнер, прстот треба да се впери и во Центарот за социјална работа, Судот, Обвинителството, сите тие по закон примаат пријави, постапуваат и ја заштитуваат жртвата. А по објавата на долгата листа на пријави од страна на Росица институциите очигледно не постапувале координативно за што Владата има донесено и посебна процедура.

– Во случаи кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на жртвата и членовите на семејството, се изготвува безбедносен план за помош, од страна на мултисекторски стручен тим кој е  составен од стручни лица, од центар за социјална работа, полиција и здравствена установа. Должен е веднаш да го извести надлежниот јавен обвинител за секој пријавен случај на родово базирано насилство и семејно насилство, пишува во Законот кој предвидел и мерки за заштита, на предлог на сите гореспомнати институции.

-Забрана да се заканува дека ќе стори насилство, понатаму забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин директно или индиректно комуницира со жртвата, како и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува жртвата, предвидел Законот за спречување и заштита на насилството врз жените.

Почитување на законите, навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита, спречување и превенција од насилство врз жените, побара пратеничката Јована Тренчевска

-„Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“, изјави Тренчева во име на Клубот на пратенички. На актуелната пратеничка Тренчевска и е добро познато како во пракса треба, ама не функционира со оглед дека беше поранешна министерка за труд и социјална политика и поранешна главна координаторка на Националното тело за спречување на насилството врз жената, составено од преставници на преку десет интитуции чија надлежност е да ја заштитат жртвата.

– Не станува збор за „индивидуална трагедија“, туку за директна последица на институционалниот колапс. Кога полицијата, обвинителството, судството и центрите за социјална работа не постапуваат согласно законските надлежности, тогаш може да се зборува за поддршка која води кон репродукција на насилството, реагираат од партијата ДОМ за институционалното потфрлување во случајот со убиството на младата Росица и нејзиниот татко.

– Над 70 пријави за закани и насилство се игнорирани,  не може да зборуваме за институционален „пропуст“, туку за институционално злосторство! Бараме итна одговорност, разрешувања на сите раководни лица што затаиле во СВР Велес, кривична одговорност за секое службено лице кое свесно игнорирало пријави за закани, како и системски реформи во протоколите за заштита на жртвите на насилство, побараа од зелената пратија.

Министерот за полиција во телевизиско интервју порача од случајот не треба да се амнестира одговорноста и кај судот и обвинителството.

– Кој во оваа држава изрекува мерка притвор, и кој во оваа држава изрекува мерка затвор односно казна затвор? Кој во оваа држава согласно закон може да предложи мерка притвор, кој во оваа држава единствено може да поднесе обвинение? На првото прашање одговорот е единствено судот може да определи мерка притвор, на второто прашање единствено обвинителство може да предложи мерка притвор, праша Тошковски.

Неколку адвокати кои ги застапуваат жените-жртви од родово насилство велат дека проблемот лежи во степенот на соработка на институциите

-Ретко се изрекуваат затворски казни за семејно насилство, а за да се изрече таква казна мора да постои посериозна форма на насилство. Кога имате случај каде што некој веќе отслужил затворска казна поради посериозна форма на насилство или обид за убиство, таков случај треба да се следи од институциите за заштита и превенција. Затворите треба да ја известуваат полицијата, центарот за социјална работа и жртвата, најмалку еден месец однапред дека насилникот го напушта затворот. Слично треба да биде и со мерките, да се направи план што да се прави кога на насилникот ќе му завршат мерките на претпазливост, вели нашиот соговорник.

Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, вели дека во април Собранието го отфрлило нејзиниот предлог насилниците да носат електронска ракавица, како мерка за превенција на жртвите.

-Предлогот значеше дека покрај забраната за приближување, сторителот на себе треба да има електронска нараквица која ќе ја предупредува жртвата дека сторителот се приближува до одредено место, односно на оддалеченост помала од 100 метри. Предлог законот не се изгласа, односно на седницата доби подршка само од 12 пратеници, додека 102 пратеника воопшто не се изјаснија, напиша Зајкова на социјалните мрежи.

Светската здравствена организација фемицидот го дефинира како „ убиство на жени затоа што се жени. Според едно британско истражување мажите кои ги убиваат своите партнерки следат „линија на убивање“, а полицијата исто така би можела да ја следи, со цел да ги спречи. Проучувајќи повеќе од 370 убиства, криминологот д-р Џејн Монктон Смит  открила осум чекори карактеристични за речиси секое убиство:историја на претходни случаи на следење или вознемирување од страна на сторителот, потоа романса што брзо се развила во сериозна врска која со тек на времето станува доминантна и под принудна контрола. Следен чекор е нешто што може да ја загрози контролата на сторителот – на пример, раскинување или ненадејна финансиска несигурност. Ескалација или зголемен интензитет на тактиките за контрола на партнерот, како што се следење или закани за самоубиство. Сторителот го менува својот начин на размислување – тој избира да продолжи понатаму преку одмазда или убиство. Планирање – сторителот може да купи оружје или да бара можност сам да се сретне со жртвата и последен чекор е фемицидот, односно ја убива партнерката, а понекогаш повредува и други луѓе, како што се блиски членови од семејството.

Само во последните пет години има најмалку 20 жени жртви како кулминација на повторени епизоди на родово базирано насилство, велат невладините организации.

За синоќа беше најавен протест на граѓанското здружение Стела пред зградата на МВР и во паркот „Жена борец“, во знак на револт од незаштитувањето на жените жртви од родово базирано насилство. (П.А.)

Сопругот поставил ГПС локатор на возилото на сопругата и ја претепал

Во ОВР – Кавадарци  е извршен службен разговор со М.Б., 35-годишен кавадарчанец, постапувајќи по претходна пријава од неговата 36-годишна сопруга, дека во семејниот дом, физички ја нападнал и ѝ се заканувал со остар предмет и дека во нејзиното возило поставил ГПС локатор. Локаторот бил одземен, а на М.Б. му била изречена мерка – забрана за приближување.

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ