Како што економијата на Кина забавува, а стапката на невработеност кај младите надминува 14%, се појави чуден тренд: сè повеќе луѓе им плаќаат на компаниите да седат во канцеларија и да „се преправаат дека работат“.
За некои, тоа е начин да останат дисциплинирани, да воспостават нови контакти или едноставно да избегаат од чувството на мрзеливост.
Триесетгодишниот Шуи Џоу, од Донггуан, го затвори својот мал угостителски бизнис минатата година. Во април, тој почна да плаќа 30 јуани (околу 3,60 евра) дневно на компанијата „Pretend To Work“, компанија која нуди целосно опремени канцеларии, интернет, сала за состаноци, па дури и кујна.
„Се чувствувам мотивиран кога сум опкружен со луѓе, дури и ако сите си ја работат својата работа. Полесно е отколку да седам дома и да губам волја“, вели Џоу, кој се дружи со пет „колеги“ и понекогаш останува до доцна навечер.
Тие компании за „глумење работа“ нудат простор за млади луѓе кои сакаат да ја избегнат изолацијата дома, а некои од нив всушност бараат работа или развиваат мали проекти. Цената се движи од 30 до 50 јуани дневно, а понекогаш вклучува и оброк и закуски. Повеќето „работници“ во овие канцеларии се дружат, разговараат и се забавуваат, па понекогаш остануваат и до доцна навечер.