Република Бугарија со загриженост ги забележува најновите изнесени тези на властите во Скопје, кои остро се разидуваат со суштината на Европскиот консензус од 2022 година, стои во реакцијата на бугарското МНР, по изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека на Бугарија ѝ пречи што Акцискиот план за малцинства бил на македонски јазик.
-Прашањето на кој јазик треба да биде очекуваниот од Северна Македонија План за правата на заедниците е внатрешно прашање за соседната држава и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го применуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е да биде на јазик што им е достапен. Одлуката на Скопје да го претстави нацртот на овој план пред своите граѓани на англиски јазик е тешко објаснива, особено доколку се планира Планот навистина да се применува. Потсетуваме дека Планот за правата на заедниците е чекор предвиден да следува по впишувањето на Бугарите во уставот, што сè уште претстои и што ќе им овозможи на нашите соседи да ги отворат пристапните преговори. Воедно, ги поздравуваме зборовите на премиерот Христијан Мицкоски дека „ќе ги прифати во Планот сите други забелешки“ на бугарската заедница и очекуваме тој да го исполни тоа ветување кон нив, стои во соопштението од министерството.
Реакцијата следува откако претходно македонскиот премеир Христијан Мицкоски, коментирајќи го тоа што Бугарија го оспорува Акцискиот план за малцинства затоа што бил на македонски јазик, изјави дека жали што уште еднаш Бугарија ја испуштила шансата да биде добар сосед. Тој рече дека се случило тоа за што ги предупредил партнерите во Брисел – „дека и најдобриот Акциски план за малцинствата да го направиме, тој ќе биде одбиен од Бугарија“.
– Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија нема против, бидејќи имаше јавна дебата. Е, проблем било што бил на македонски јазик. Простете, но мојот мајчин јазик е македонски, официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот, нема друг. Ако некому тоа му пречи, јас тука не можам да помогнам и жалам што тоа е така, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека се било направено како што било побарано – прифатени сугестиите на експерт од Италија при изготвување на Планот и било исполнето барањето од Брисел „ден однапред да се прати во Бугарија за да се покаже добра волја“.
-Така направивме, го дадовме ден однапред. Е, сега, им пречело што е на македонски јазик. Но, тој е официјален јазик според Уставот и јас или министерот не може да го кршиме Уставот. Ако тие мислат дека ќе го испратиме на друг јазик, ние немаме друг јазик согласно Уставот. Тоа е македонскиот јазик. Тие уште еднаш покажуваат дека нема врска малцинството или Бугари во Устав. Имаат многу подлабоки корења нивните барања и подлабоки се проблемите и уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосема поинаква, изјави Мицкоски.
Како што рече, Владата сега нема никакви контакти со Бугарија, но дека „стоиме на располагање било кога и било каде, во која било организација да одиме и да разговараме и да ги претставивме нашите аргументи“.
– Сè ќе прифатиме, нормално не внесување во Устав, сите забелешки ќе ги прифатиме, но јас не можам да се откажам од мојот мајчин македонски јазик, нагласи Мицкоски.












