Бугарскиот ски-центар Банско, познат по своите патеки на кои се одржуваа трки од Светскиот куп, се соочува со предизвиците на климатските промени што го загрозуваат зимскиот туризам. Но, градот во подножјето на Пирин Планина пронајде нова формула за привлекување посетители и зајакнување на економијата – дигитални номади.
Во последните неколку години, во Банско никнаа три центри со десетици ко-воркинг простори, поддржани од брза интернет-врска и модернизирана инфраструктура. Резултатот е космополитска заедница на далечински работници што го претвори градчето во дестинација за цела година, пишува АФП.
– Прочитав дека ова е најдоброто место за почеток како дигитален номад – вели Оскар Трејн, 25-годишен Данец кој ќе помине половина година во Банско од 2021 година.
Со поповолни даноци, околу 15 проценти, вклучувајќи ги и придонесите за социјално осигурување, во споредба со 45 проценти во Велика Британија, неговата најголема предност е начинот на живот. Во зима, денот започнува со два часа скијање, а потоа е посветен на работа. Во лето, тој ужива во културни настани како што е „Номад Фест“.
Градоначалникот Стојчо Баненски, планински спасител по професија, вели дека економското влијание на странците е значајно, особено затоа што климатските промени се повеќе им се закануваат на зимските спортови.
Според извештајот на Институтот за пазарна економија со седиште во Софија, доаѓањето на номадите помогнало да се измазнат сезонските флуктуации на приходите и да се помогне на локалната економија силно да се опорави по пандемијата.
Многумина се населиле во градот трајно. Францускиот пар Ан Дупал и Кристијан Рудницки, поранешни графички дизајнери, отвориле пекара откако се преселиле во Банско на почетокот на 2022 година.
– Градот се промени од она што го најдовме кога пристигнавме, трепкачки светла, секс клуб, техно музика – вели Дупал.
Денес, додава Рудницки, преовладува заеднички дух.
– Прекрасно е кога бабата од соседството ќе ни донесе домати или зачини, а потоа среќавам индонезиско семејство во пекарницата – рече тој.
Сепак, растечките трошоци за живот и цените на недвижностите предизвикуваат загриженост за гентрификацијата.
– За жал, тоа е поврзано со луѓе како нас, но и со Бугарите кои ги напуштаат големите градови – признава Дупал.
Сепак, некои локални жители ги поздравуваат промените.
– Градот се промени, стана меѓународен – вели Никола Калистрин, 29-годишен натпреварувач во крос-кантри скијање роден во Банско.
Со 10.000 жители, опкружен со термални извори и само два часа од Софија, Банско се трансформираше од класичен скијачки центар во глобално село каде што се среќаваат различни култури, идеи и начини на живот.












