Дали бугарската полиција нешто крие со случајот „Петрохан“ за смртта на шесте членови на секта, кој цела недела ја бранува не само бугарската туку и регионалната јавност? Ова прашање сè почесто го поставуваат граѓаните на социјалните мрежи, немајќи конкретен одговор од надлежните за случајот со шестемина, кои истражителите ги поврзаа со организација која ги штити шумите, која, всушност, дејствувала како будистичка секта во која имало и деца.
Прашање што крие полицијата, но и одговор на тоа, вчера се слушна и од бугарскиот парламент.
– Многу луѓе се прашуваат зошто министерот за внатрешни работи, како и генералниот секретар на Министерството за внатрешни работи, се кријат во случајот „Петрохан“. Тие се кријат затоа што треба да покажат многу интересна информација – тоа е дека во 2025 година, групата – невладината организација што била во бараката „Петрохан“, овие шест лица, во април, имале заеднички тактички вежби со полициски единици од Монтана на полигон за обука во градот, изјави во парламентот копретседателот на „Да, Бугарија“ и пратеник од ПП-ДБ, ПГ Ивајло Мирчев, објави репортер на БГНЕС.
Според него, во мај 2025 година, тие исто така имале вакви вежби, а во септември истата година, полицијата во Монтана користела беспилотно летало на организацијата.
– Во 2025 година, министер за внатрешни работи е Даниел Митов. Испадна дека оваа организација и полицијата тесно соработувале. Како што дознавме, тие тесно соработувале и со Агенцијата за национална безбедност и имало регрутирани луѓе, нагласи Мирчев.
Другиот копретседател на коалицијата и пратеник од пратеничката група на ПП-ДБ, Божидар Божанов, рече дека токму затоа сакаат сите информации да бидат декласифицирани и го обвини мнозинството во парламентот дека ги крие овие информации затоа што има што да крие. Тој праша и зошто не се интервенирало кога во 2022 година имало пријава за организацијата.
Јавното обвинителство, вчера, до Народното собрание ги испрати материјалите од истрагата за смртта на шестемина од Петрохан и Околчица со експлицитна изјава на Надзорниот обвинител дека „при запознавањето со доставените информации, пратениците и другите службени лица на 51. Народно собрание не треба да дозволат откривање факти од интимниот живот на сведоците испрашувани во случајот, како и факти што го поткопуваат нивниот авторитет и достоинство“, објави БГНЕС. Обвинителството соопшти дека ги доставува материјалите „со оглед на високиот јавен интерес, во согласност со принципите на отвореност и транспарентност на постапувањето на судските власти и на интеракција со законодавните и извршните власти, како и во врска со предлогот на двајца пратеници“.
Како што е познато, на почетокот на месецов при интервенција во Петрохан, каде што горела куќа, беа пронајдени три тела на мажи, убиени со огнено оружје. Неколку дена подоцна, во Околчица, покрај камп-приколка беа пронајдени уште три починати мажи, исто така со прострелни рани, меѓу кои и сопственикот на куќата во Петрохан и претседател на организацијата за заштита на шумите. Сите шестмина починати, меѓу кои е и 15-годишно момче, истражителите ги поврзаа со будистичка секта, која работела под закрила на организацијата, а за нивната смрт наведоа дека е резултат на убиство и на самоубиство. Проверката на комуникацијата на водачот на сектата открила порака до неговата мајка, во која тој навестува самоубиство.











