четврток, февруари 12, 2026
Дома БАЛКАН Невладина организација тврди дека во Бугарија открила тајна база на руската платена...

Невладина организација тврди дека во Бугарија открила тајна база на руската платена паравојска „Вагнер“. Ја чуваат стражари со кучиња

75

База на озлогласената руска приватна воена компанија „Вагнер“ откриена е на планината Витоша, близу селото Кладница, во областа Перник, на југот на Бугарија? Граѓанската организација БОЕЦ, која е позната по разоткривање организиран криминал и корупција, објави дека на таа локација идентификувала објектот поврзан со „Вагнер“. Според порталот „Новините“, лидерот на БОЕЦ, Георги Георгиев, го изјавил ова за време на пренос во живо на социјалните мрежи, во неделата.

Активистите на БОЕЦ објавија дека пронашле мала зграда во планините над Кладница, за која веруваат дека се користи како база за терористички активности. Георгиев рече дека местото освен што е тешко пристапно, е и силно чувано. Безбедносниот персонал користи кучиња и пристапот до областа е строго контролиран. Снимките што ги објави БОЕЦ покажуваат руско знаме и амблем на „Вагнер“ закачени на објектот. Луѓето видени во близина на местото носеле облека и капи со логото на паравоената организација.

БОЕЦ веднаш доставил извештај до Министерството за внатрешни работи на Бугарија. Документот го нагласува присуството на вооружени лица и на симболите на санкционирана терористичка организација на територијата на земјата. Претставниците на невладината организација сугерираат дека меѓу присутните на местото може да има сегашни или поранешни членови на безбедносните служби, па според нив, тоа објаснува зошто органите за спроведување на законот досега не презеле никакви мерки.

Групата „Вагнер“ е именувана по омилениот композитор на нацистичкиот фирер Адолф Хитлер – Рихард Вагнер. Нивниот водач и, се верува, основач е Евгениј Пригожин, кој загина во мистериозна авионска несреќа во 2023 година, откако имаше отворен конфликт со рускиот претседател Владимир Путин. Постојат и информации дека оваа група е основана од Дмитриј Уткин, кој некогаш бил командант на Главната дирекција на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација (ГРУ).

Групата „Вагнер“ е под меѓународни санкции и е класифицирана како терористичка организација во некои земји, вклучувајќи ги Обединетото Кралство и Украина. Од друга страна, САД и Европската Унија, кои исто така ја санкционираа, групата „Вагнер“ ја третираат како криминална организација. Иако правните квалификации варираат, „Вагнер“ е широко признат како насилна, вооружена група поврзана со државата, одговорна за сериозни злоупотреби на човековите права, како што претходно објави „Ројтерс“.

ИЗДВОЕНИ