Бугарите ќе играат „Пајдушко“ во Охрид за Нова година

На две недели пред Нова година, во Скопје и во Охрид се чувствува поголема раздвиженост од странски туристи. Туристичките работници очекуваат повеќе гости за време на новогодишните празници, а во голем број ресторани и хотели има и организиран дочек на Нова година. Во Охрид, најмногу гости со хотелски аранжмани има од Бугарија, помал дел се од Србија, а за католичкиот Божиќ најмногу гости има од Грција. Исто така, и во Скопје, се очекуваат поголем број странски туристи за новогодишните празници, кои освен организирано, преку туристичките агенции, се очекува да дојдат и во сопствена режија преку букинг

84

Ако денот по утрото се познава, тогаш слободно може да се каже дека за Нова година во Скопје, Охрид и во Струга ќе врие од гости. Туристичките работници тријат раце, а странските туристи бараат место повеќе во некој од скопските и охридските ресторани за дочек на новогодишната ноќ. Гостите, годинава, ги има од сите земји од соседството, а традиционално за дочек на Нова година најбројни се Бугарите. Дочек на најлудата ноќ има организирано во повеќе хотели, ресторани, кафулиња, како и на плоштадот во Охрид, а ќе има богата новогодишна програма во рамките на која ќе настапат голем број македонски музички ѕвезди.

– Десет дена пред Нова година, кафеаните и рестораните се полни и речиси секаде има жива музика. Оваа година има организирани дочеци во неколку хотели, а другите аранжмани се со едно или со две ноќевања со појадок. Обично, странските туристи кои доаѓаат во Охрид слават во некои од рестораните или во кафулињата во градот. Најмногу гости со хотелски аранжмани има од Бугарија, помал дел се од Србија, а за католички Божиќ најмногу гости има од Грција, за весникот ВЕЧЕР изјави Крсте Блажевски, претседател на Хотелска асоцијација на Македонија.

Освен Охрид, Блажевски вели дека и Струга е новогодишно украсена. Еден приватен комлекс во градот е богато новогодишно украсен и е атрактивен како за домашните, така и за гостите кои доаѓаат од Албанија.

– Во Охрид се забележува голема раздвиженост и многу туристи. Се очекува така да биде и во текот на новогодишните празници, бидејќи во локалите има богата новогодишна програма со настап на голем број македонски пејачи. И на плоштадот ќе има организиран дочек на Нова година, каде што, исто така, ќе настапат голем број македонски музичари, додава Блажевски.

И во Скопје, исто така, се очекуваат поголем број странски туристи за новогодишните празници, кои освен организирано преку туристичките агенции, се очекува да дојдат и во сопствена режија.

–Туристичките агенции нудат пакети со две-три ноќевања и дочек на Нова година во Македонија. Но, има и многу странски туристи кои доаѓаат индивидуално со авионски превоз и наоѓаат сместување преку букинг и поради тоа немаме точни информации колкав број гости би пристигнале во главниот град за новогодишните празници. Сега луѓето патуваат и по препорака на „Чет-ГПТ“ кој им кажува каде и што да посетат. Сега состојбата се подобри за разлика од пред два месеца, кога имавме проблем со ѓубрето, па се надеваме и дека ќе имаме повеќе туристи, вели Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Најмногу гости за Нова година има од Бугарија, како и од соседните земји – Србија, Грција, пред сè, поради близината. Секако, има и Турци, но во помал број.

Според Керим, проблем е што градот Скопје на две недели до Нова година сè уште не е целосно украсен и нема информации кои музички ѕвезди и каде ќе настапуваат.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ