Што се случи со авионот на Урсула фон дер Лајен? Бугарија два пати го менува ставот

24

Тотална конфузија се создаде во четвртокот откако бугарската влада два пати го промени својот официјален став за наводното руско мешање во GPS сигналот на авионот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Поради контрадикторни изјави, официјалните лица во Брисел беа оставени во целосна неизвесност за тоа што всушност се случило, пишува Politico.

Бугарскиот премиер Росен Желјасков во четвртокот утрото изјави дека станува збор за „делумен прекин на сигналот“, што е вообичаено во густо населените подрачја. Неговите зборови ги потврди вицепремиерот и министер за транспорт Гроздан Караџов, кој исто така негираше постоење на докази за попречување на сигналот.

– Според евиденцијата на нашите агенции, не постои ниту еден факт што би го поткрепил тврдењето за пречки на ГПС сигналот што влијаел на авионот – рече Караџов за bTV.

Но, веќе попладнето, Желјасков ја ревидираше верзијата и отвори можност за електронско војување:

„Имаше конфузија на информациите со прашања, факти и околности толкувани на начин што имаше за цел да им наштети на бугарските институции“, рече премиерот.

Тој нагласи дека фактот што копнените инструменти не го снимиле попречувањето не ја исклучува можноста дека е откриено од уреди во самиот авион.

„Во овој поглед, ѝ наложив на Управата за цивилно воздухопловство да контактира со авиокомпанијата што го управувала летот за да спроведе дополнителна проверка на инструментите и компјутерите на авионот“, додаде Желјасков.

Информацијата за наводен руски хибриден напад врз ГПС системите на авионот прв ја објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на воздухопловните власти во Пловдив. Според медиумот, авионот кружел еден час и слетал откако пилотитие морале да се снаоѓаат со хартиени мапи за координатите.

Брисел ја обвини Русија за „очигледно мешање“. Но, податоците од познатиот сајт за следење летови Флајтрадар24 сугерираат дека сигналот не бил целосно изгубен, а слетувањето било по 9 минути, далеку од драматичниот опис на воздухопловните власти во Пловдив. Во објава на Икс сервисот тврдеше дека „преносникот на авионот пријавил добар квалитет на GPS сигналот од полетување до слетување“.

Портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста, во четвртокот изјави дека бугарските власти ја информирале Комисијата за блокирањето, цитирајќи ја нивната изјава од понеделникот.

– Бев многу јасна дека немаме информации во оваа смисла. Но, ова е проблем што постојано се случува и затоа е важно да се справиме со него заедно со земјите членки – рече таа.

Инцидентот предизвика реакциja и од генералниот секретар на НАТО Марк Руте кој изјави дека Алијансата деноноќно работи да им застане на патот на ваквите напади и да спречи истите да се повторат.

ИЗДВОЕНИ