Бугарија преминува на еврото на 1 јануари, мислењата на граѓаните се поделени

148

Бугарија официјално ќе го усвои еврото како национална валута на 1 јануари, станувајќи 21-ва членка на еврозоната откако ги исполни сите формални критериуми оваа година, вклучувајќи инфлација, буџетски дефицит, долгорочни каматни стапки и стабилност на девизниот курс.

Приклучувањето кон еврозоната е голем институционален и економски чекор за земјата со 6,7 милиони жители, која е членка на Европската Унија од 2007 година, пишува Ројтерс.

Покрај замената на левотот со евро, Бугарија ќе добие и место во Управниот совет на Европската централна банка, што ќе ѝ овозможи директно да учествува во одлуките за монетарната политика.

За деловниот сектор на Бугарија, особено за компаниите што работат во странство, преминот кон еврото ќе донесе пониски трансакциски трошоци, елиминација на конверзиите на валути и поедноставно фактурирање.

Бизнисмените велат дека новата валута ќе ја зголеми транспарентноста на цените, ќе ја олесни трговијата и ќе ја подобри инвестициската привлечност на земјата.

Некои Бугари се загрижени за можните зголемувања на цените и политичката нестабилност, особено откако владата во Софија поднесе оставка овој месец поради протестите против предложените зголемувања на даноците.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека општеството е поделено околу усвојувањето на еврото, додека деловната заедница силно го поддржува приклучувањето кон еврозоната.

Државните институции веќе започнаа со подготовки за транзицијата, при што цените во продавниците низ Софија се прикажани и во лева и во евра, додека владините кампањи и медиумските реклами ги информираат граѓаните за фиксниот девизен курс и техничките детали за промената на валутата, пренесува Танјуг.

Аналитичарите предупредуваат дека постарото население, особено во руралните области на Бугарија, би можело да има тешкотии при прилагодувањето на европската валута.

Бугарија ќе се приклучи на еврозоната три години по Хрватска, која го воведе еврото во јануари 2023 година.

Со ова проширување, бројот на граѓани што го користат еврото ќе надмине 350 милиони, што дополнително ќе ја зајакне улогата на заедничката валута како еден од клучните столбови на европската економска интеграција, додава британската агенција, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ