Народното собрание на Република Бугарија вчера го ратификуваше договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, потврдувајќи го стратешкото значење на овој инфраструктурен проект за регионот. Македонското Собрание веќе го ратификуваше договорот во декември, со што се исполнети сите формални услови за почеток на реализацијата.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека проектот ќе ја зајакне железничката врска помеѓу Скопје и Софија, а во поширока перспектива и кон Бургас, отворајќи можности за поблиски економски и трговски врски меѓу двете држави.
– Горд сум што овој договор, кој го потпишавме на 6 ноември со заменик-претседателот на Владата на Бугарија, Гроздан Караџов, ќе значи поблиски економски врски помеѓу нашите народи и покажува силна посветеност на Македонија во реализацијата на Коридорот 8, кој е исклучително значаен безбедносен коридор од голем интерес за НАТО и за нашите стратешки партнери – изјави Николоски.
Коридорот 8 е дел од трансевропската транспортна мрежа и се смета за клучен за поврзување на Јадранското и на Црното Море. Реализацијата на тунелот ќе овозможи побрз и побезбеден транспорт на стоки и на патници и истовремено ќе ги зголеми регионалната мобилност и интеграцијата.
Министерот Николоски додаде дека паралелно се развива и Коридорот 10, со цел Македонија да стане вистинска транспортна раскрсница на Балканот.
(С. Бл.)












