Бугарија чека одговор од Македонија за пругата

32

Бугарија чека одговор од Македонија на Нацрт-договорот што неодамна го испратиле на 15 јануари годинава за доизградба на пругата од коридорот 8, како и за тунелот кој треба да ги поврзе пругите од двете страни на границата. Бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов во интервју за телевизијата БНТ ги отфрла тврдењата на Александар Николоски, дека Бугарија не презема ништо за железничкото поврзување меѓу двете држави.

– Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише? Додека Николоски го зборува ова, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот – рече Караџов.

Тој об јаснува дека Бугарија проектира 90 проценти сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги прошири кривините, овозможувајќи брзина на возовите од 160 километри на час.

– Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 километри на час, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не – наведе Караџов, оценуцајќи дека Николоски „раскажува македонски приказни за добра ноќ“.

Министерот за транспорт, Александар Николоски во понеделникот оцени дека е „очигледно дека Бугарија не сака да ја гради пругата“, информирајќи дека имаат испратено над 15 дописи до Бугарија на кои што немаат одговор од бугарска страна за изградбата на пругата.

Бугарската Влада на 15 јануари годинава и испрати на Република Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји. Како што соопшти тогаш бугарското Министерство за транспорт и врски (МТС), со потпишувањето на договорот ќе се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот. Од бугарска страна, како што било наведено, има желба што поскоро да ги започне преговорите со Македонија за предложените текстови, а потоа да продолжи со нивно потпишување.

Според предлогот, двете држави ќе се договорат која ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на изградбата и ќе вложат максимални напори да обезбедат грант-помош за изградба на тунелот и неговата соседна железничка инфраструктура, почитувајќи ги барањата на ЕУ и НАТО во однос на стандардите на Трансевропската транспортна мрежа.

ИЗДВОЕНИ