Бугарија бара начин да добие изземање од санкциите врз Лукоил: Се стравува од можен пад на Владата

49

Бугарија се обидува да најде начин да се изземе од новите американски санкции против најголемата приватна нафтена компанија во Русија, Лукоил, стравувајќи дека мерките ќе предизвикаат сериозен недостиг на гориво и популистичка реакција низ целата земја, објави денес Политико.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела објави санкции за двајца од најголемите руски производители на нафта – Роснефт и Лукоил – што предизвика неколку земји од ЕУ каде што работат компаниите да се борат за изземање.

Во Бугарија се наоѓа огромната рафинерија Бургас во сопственост на Лукоил, која обезбедува до 80 проценти од горивото во земјата, што го натера Вашингтон да ги одложи санкциите по 21 ноември, кога требаше да стапат во сила.

Бугарската влада е загрижена дека санкциите би можеле да ја принудат рафинеријата да се затвори, предизвикувајќи широко распространет недостиг на гориво и протести.

Извори од бриселскиот портал соопштија дека официјална Софија тврди дека ова би можело да го забрза падот на владата, зајакнувајќи ја поддршката за бугарскиот претседател Румен Радев, личност која некои ја сметаат за проруска, и јавно ја покрена идејата за создавање нова политичка партија. Бугарското Министерство за енергетика одби да ја коментира за Политико оваа информација, исто така и кабинетот на бугарскиот претседател.

Поранешниот бугарски амбасадор во Русија, Илијан Василев, смета дека ова е тактика на заплашување од страна на владата, со цел да се избегне брза продажба на рафинеријата.

Постојат легитимни интереси и сериозни интереси за купување на средствата на Лукоил, тврди Василев.

Унгарија и нејзиниот премиер Виктор Орбан, исто така, побараа изземање од примената на санкциите на САД.

ИЗДВОЕНИ