Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави на „Фејсбук“ дека веќе неколку дена екипите се постојано на терен и будно ја следат состојбата на сите сообраќајници. Тој нагласи дека се обезбедени доволни количини сол, кои се користат навремено, согласно со температурите, кои се под нулата, и ризикот од замрзнување на коловозите. Истовремено, кризниот штаб функционира 24 часа дневно, со цел да се обезбеди безбедно и непречено движење низ градот. Од Општина Кисела Вода информираат дека биле преземени интензивни активности за фрлање сол и ризла, со цел навремено одржување на патната инфраструктура. И службите на Општина Карпош интервенирале на соодветен начин и се чистат коловозите на сите критични правци. За навремена интервенција, има 24-часовни дежурства и во комуналниот пункт на Општина Ѓорче Петров, а Општина Бутел уверува дека е обезбеден пристап до највисоките точки на нејзина територија

Град Скопје и скопските општини уверуваат дека се целосно подготвени за зимските услови и дека снегот не може да ги изненади нивните служби.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави на „Фејсбук“ дека веќе неколку дена екипите се постојано на терен и будно ја следат состојбата на сите сообраќајници. Тој нагласи дека се обезбедени доволни количини сол, кои се користат навремено, согласно со температурите, кои се под нулата, и ризикот од замрзнување на коловозите. Истовремено, Кризниот штаб функционира 24 часа дневно, со цел да се обезбеди безбедно и непречено движење низ градот. Градоначалникот упати апел до сите учесници во сообраќајот за зголемена внимателност и за строго почитување на препораките за возење во зимски услови.
Воедно, ЈСП „Скопје“ испрати соопштение со кое ги информира корисниците на јавниот превоз дека, поради ниските температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено приспособување на движењето на одредени автобуски линии.
– Имајќи предвид дека е ограничен ефектот на средствата за одржување на патиштата при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации што во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП „Скопје“, согласно со процените на надлежните служби – истакнуваат од претпријатието.
Оттаму споменуваат дека безбедноста на патниците и на вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени.
– Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно со редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст – потенцираат од ЈСП.
Притоа, наведуваат дека екипите на ЈСП, заедно со надлежните служби на Град Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз.
Од Општина Кисела Вода информираат дека е активиран нивниот кризен штаб за постапување во зимски услови, кој, како што велат, постојано ја следи состојбата на терен и ја координира работата на сите служби.
Притоа, истакнуваат дека биле преземени интензивни активности за фрлање сол и ризла, со цел навремено одржување на патната инфраструктура.
– Особено внимание им е посветено на повисоките населени места од Припор и Теферич, каде што поради теренската конфигурација, постои поголем ризик од замрзнување на коловозите и од таложење снег. Механизацијата и екипите се постојано на терен, со јасна задача да се обезбеди безбедно и непречено движење за сите учесници во сообраќајот – соопштија од Општина Кисела Вода.
Притоа, апелираат до граѓаните за внимателно движење и за почитување на препораките.
Вработените во Одделението за заштита и спасување и во Одделението за комунална инфраструктура при Општина Карпош, како и зимските служби што ги ангажирала локалната самоуправа, исто така, излегле на терен и интервенирале на соодветен начин откако дошло до замрзнување на коловозот, поради што имало и реакции од граѓаните до полициските службеници во Карпош.
– Административците од Одделението за заштита и спасување од Општина Карпош направија процена на ситуацијата и ги насочија зимските служби, кои пристапија со својата механизација кон фрлање индустриска сол на критичните точки. Во заедничката акција, зимските служби фрлаа сол на коловозот на потегот од Средно Водно, Горно и Долно Нерези и патот до комплексот „Македонско село“. За поголема безбедност на граѓаните, зимските служби во два наврати фрлија сол на патот кон Горно Нерези, кон селото Крушопек, како и на коловозот кон повисоките места низ населбите Жданец, Трнодол, Бардовци и долж улицата „Ловќенска“ во населбата Козле – соопштија од Општина Карпош.
И кризниот штаб на Општина Гази Баба, заедно со економските оператори за зимско одржување, е постојано на терен.
– Се чистат коловозите на сите критични правци. Се фрла сол и ризла за безбедно и непречено движење. Се работи непрекинато за да се спречи мрзнење и создавање опасни услови. Тимовите се мобилизирани и координирани во секој момент. Граѓаните може да бидат спокојни: Општината прави сѐ за нивна безбедност – потенцираат од Општина Гази Баба.
За навремена интервенција, има 24-часовни дежурства и во комуналниот пункт на Општина Ѓорче Петров.
– Дејствуваме со сопствени сили, во случај на поголеми наноси, ќе интервенираме со поголема механизација – велат од локалната самоуправа.
Општина Бутел уверува дека е обезбеден пристап до највисоките точки на нејзина територија.
– Екипите се на терен, Општина Бутел е подготвена за снегот. Од страна на градоначалникот Дарко Костовски беше свикан кризниот штаб на Општина Бутел, имајќи ги редвид најавите и временската прогноза за овој период. Се фрлаат сол и ризла на улиците во населените места Љубанци, Љуботен и Радишани(горна зона). Со ова се спречува мрзнење на улиците и овозможуваме непречено одвивање на сообраќајот. Доколку дојде до поголеми наноси на снег, на најкритичните места ќе има дежурни екипи од комуналното одделение. Како и изминатите години така и оваа, Општина Бутел подготвена ја дочекува зимата – објавија од локалната самоуправава, уверувајќи ги граѓаните дека навремено ќе се справат со снежните наноси.
(А. П.)












