Управниот одбор на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, со кој претседаваше заменик-претседателката Диана Ристовска Додевски, на својата последна седница го усвои Предлогот на Буџетско барање на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за 2026 година.
Директорот на Фондот, Никола Мемов, ги информира членовите на Одборот дека за следната година се предвидува поголем буџет за околу 13 милијарди денари. Причината е, како што објасни тој, предвиденото зголемување на пензиите во април и септември следната година, а што е согласно со Законот за ПИО.
Станка Трајкова, член на Одборот, рече дека од предлог буџетското барање се гледа дека фокусот е ставен во обезбедувањето на финансиската стабилност на Фондот и редовната исплата на пензиите.
Управниот одбор го усвои и Предлог-стратешкиот план на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за периодот 2026 – 2028 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи, образложувајќи го Предлог Стратешкиот план рече дека во неговата изработка се земени предвид сите потребни параметри и се дадени проекции кои се во согласност со стратешките определби на Фондот во насока на обезбедување подобри и поквалитетни услуги на граѓаните и навремена исплата на пензиите.
Одборот ја разгледа и Информацијата за доставување на Известување за преземени мерки по препораките на Овластениот државен ревизор содржани во Конечниот ревизорски извештај – ИЗПМ и Акциски план за преземање на активности по однос на извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2023 година, до Државниот завод за ревизија и Владата. Раководителот на Одделението за внатрешна ревизија, Синан Сејфула образложувајќи ја Информацијата рече дека е постапено по сите забелешки доставени од Ревизорот и стручната служба на Фондот ги има преземено сите мерки за отстранување на воочените слабости во насока на подобрување на процесот на работа.
Управниот одбор го усвои и Предлог-Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност.