Буџетот е во стабилна и добра кондиција и сите обврски се сервисираат навремено и непречено, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во одговор на пратеничко прашање во Собранието.
Таа апелираше да не се создава лажна перцепција дека буџетот е во банкрот и нагласи дека фактот што нема доцнење во исплатите и не се воведуваат дополнителни товари за граѓаните и стопанството јасно покажува дека јавните финансии се управуваат одговорно, транспарентно и со јасен план.
– Апелирам да не се создава лажна перцепција дека Буџетот е во банкрот. Доколку Буџетот ги сервисира сите обврски навреме и не воведува дополнителни товари за граѓаните и компаниите, тоа јасно покажува дека јавните финансии се стабилни и во добра кондиција. Нашите политики се насочени кон фискална консолидација, транспарентност и градење доверба кај инвеститорите и јавноста -рече министерката.
Таа повтори дека од почетокот на годината државата се задолжи со една милијарда евра со цел раздолжување на постојни обврски, а дополнително ќе се обезбедат уште 300 милиони евра од странство, исто така наменети за сервисирање на долг кој доспева. Како што посочи, само во 2026 година доспеваат околу две милијарди евра обврски – информација што континуирано и транспарентно се соопштува. Според неа, станува збор за одговорно управување со јавниот долг, а не за ново нето задолжување.
– Буџетскиот дефицит бележи континуирано намалување, од 4,4 проценти од БДП во 2024 година, на 4 проценти во 2025 година, со проектирани 3,5 проценти во 2026 година, што претставува јасен сигнал за фискална консолидација и стабилизирање на јавните финансии – нагласи министерката.
Осврнувајќи се на еврообврзницата, таа истакна дека најниската каматна стапка постигната со нејзиното издавање е резултат на месеци посветена работа и интензивна комуникација со меѓународните инвеститори.
– Нема ниту еден коментар за најниската каматна стапка што ја добивме на еврообврзницата. Тоа не доаѓа ‘од небо’. Тоа е резултат на месеци работа и постојана комуникација со инвеститорите, кои на дневна основа поставуваат прашања за буџетот, економијата, плановите и за наследените состојби – рече таа.
Министерката потенцираше дека приоритет останува одговорното управување со јавните финансии, одржувањето на макроекономската стабилност и обезбедувањето предвидлива и сигурна економска средина за граѓаните и бизнисите.












