Македонија и Грција од наредната година ќе почнат со изградба на брзите пруги – од наша страна почнувајќи од Табановце, а од грчка од Солун со тоа што ќе се спојат кај Гевгелија. Македонија брзата пруга ќе ја гради 5 години и некаде 2031-2032 година би требало да биде завршена. На грчка страна нешто понапред е ситуацијата. Атина-Солун веќе има брза пруга која оди северно од Солун накај Аксиос. Од таму до границата со Македонија, до Гевгелија остануваат педесетина километри.
Брзата пруга низ македонија ќе се финансира од странски заем. Дури 16 меѓународни финансиски институции и комерцијални банки се уште чекаат одговор која од нив ќе биде избран од Министерството за финансии за финансирање на проектот
Грчките власти се согласни од наредната година, по примерот на Македонија, да почнат да градат двоколосечна пруга од Солун до Гевгелија. Вакво уверување добил министерот за транспорт и врски, Александар Николоски од грчки претставници при што ги информирал дека и Македонија ќе почне со изградба на брзата пруга и тоа ќе донесе бенефит и за двете земји.
– Брзата пруга колку што е бенефит за Македонија, многу повеќе е бенефит за Грција, особено што целосно ќе ги отвори солунското и атинското пристаниште кон Централна Европа. Карго возовите ќе возат со 120 километри на час и само во првата година откако ќе се изгради брзата пруга, двете домашни железнички претпријатија се очекува да остварат 120 милиони евра, наспроти сега, кога годишниот приход им е само 12 милиони евра. Истото ќе важи и за грчките пристаништа, што целосно ќе ја промени економијата во целиот овој регион – вели Николоски.
Според него, директорите на железничките претпријатија на двете земји веќе ги усогласуваат техничките детали. Брзата пруга е планирано да биде завршена за 5 години. Покрај неа, Николоски најави и економска зона и поврзување со грчките пристаништа и Европа.
– Ние планираме да градиме од границата со Србија до границата со Грција. Се надевам дека следната година ќе почнеме со работа и рокот би бил пет години од почетокот на работата, што значи некаде 2031-2032 година би требало да биде завршена. На грчка страна нешто понапред е ситуацијата. Атина-Солун веќе има брза пруга која оди северно од Солун накај Аксиос. Од таму до границата со Македонија, до Гевгелија остануваат педесетина километри за кои што добив ветување дека почнуваат следната година така што на тој начин двете држави ќе се поврзат – вели Николоски.
Со воз по брза пруга патувањето од Скопје до Солун ќе биде 1 час и 20 минути, а до Атина за не повеќе од 4 часа. Николоски очекува да се потпише петпартитен договор помеѓу Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија за соработка на Коридорот 10.
– Тој веќе беше подготвен и беше готов за потпишување уште минатата година, но поради политичката нестабилност што настана во Србија се одложи и сега повторно го враќаме на мапа и би сакале да го потпишеме и на тој начин да ја имаме и формализирано оваа соработка на петте земји што се на Коридорот 10 – вели Николоски.
Брзата пруга ќе се финансира од странски заем. Дури 16 меѓународни финансиски институции и комерцијални банки се уште чекаат одговор која од нив ќе биде избран од Министерството за финансии за финансирање на проектот. Меѓуресорска група во Владата веќе три месеци сврши еваулација на пристигнатите понуди. Износот што се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра, наместо првично најавените 1,3 милијарди и тој износ ќе треба да го гарантира владината агенција на Обединетото Кралство за финансирање на извозот.
Проектот за брза пруга е единствен пример во светот во кој ќе се изработуваат физибилити студија и кост-бенефит (анализа на исплатливост) ретроактивно, врз основа на веќе донесена политичка одлука, односно изгласана информација на владина седница. Се уште нема проект, ниту физибилити студија, но според примери на изградени двоколосечни пруги во регионот, како на пример брза пруга помеѓу Будимпешта и Белград каде што проценетата вредност на километар изградена пруга изнесува 8,8 милиони евра, или на брзата пруга Загреб – Ријека, која е во фаза на планирање, каде што се проценува на 9,7 милиони евра по километар. Следствено на ова, ако се земе најниската цена од 8,8 милиони евра по километар пруга, тогаш за изградба на околу 200 километри од Табановце до Гевгелија изградбата би чинела 1,76 милијарди евра. Уште 2 милијарди евра би требало да чини изработката на проектната документација, студиите, основниот проект, надзорот и експропријацијата.
Деновиве Владата одобри да се склучи договор за соработка со ЈП „МЖ-Инфраструктура“ и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство „Кросрејл Интернешнал Лимитед“. Британските експерти ќе советуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки за брзата железница, како и за товарниот железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк. Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години.
Грција ќе гради автопати до граничните премини Меџитлија и Богородица
Освен во железницата, Македонија и Грција ќе соработуваат и во модернизацијата на патиштата и подобро со поврзување со граничните премини, за да се скрати патувањето кон Солун и Атина. Министерот Николоски на средбите со грчките власти во Атина бил информиран дека Грција ќе гради автопатско поврзување со гранични премини Меџитлија и Богородица.
– Добив две важни информации. Првата е дека веќе активно работат на изградба на автопат од Кожани до Лерин и до граничниот премин Ники или кај нас Меџитлија. Така што сакаат да изградат автопат на Коридорот 10 д. Имајќи во предвид дека ние веќе градиме автопат од Прилеп до Битола, а и дека го пуштивме експресниот пат Градско-Дреново-Фариш, а во моментов работиме на подготовки за продолжување од Фариш до Прилеп, тоа значи дека за неколку години Коридорот 10 -д целосно ќе се изгради и сегашните 8 часа патување од Скопје до Атина, ќе се намалат на 5 до 5 и половина часа, што многу ќе ги добилижи двата града. Во однос на поврзувањето од Гевгелија до Солун, исто така работат на проектирање и очекуваат следната или после таа година, да почнат активно да работат, имајќи во предвид дека сега ја завршуваат целокупната обиколница над Солун и од тука планираат продолжување до границата со Македонија – истакна Николоски.
(С.Бл.)