четврток, февруари 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Брзиот кредит без присуство – долг без вина

Брзиот кредит без присуство – долг без вина

Идентитетот како плен – измамите, колку и да се очигледни, сепак и натаму се случуваат

125

Случајот со осумнаесетгодишникот од Демир Капија, од октомври минатата година, кога, во Неготино, познајник му побарал лична карта „за евиденција“, при наводно делење пакети за црква, покажува дека сè уште се прават злоупотреби со крадењето идентитет за брзи кредити, иако институциите, на хартија, ги заострија правилата на игра за финансиските друштва.

Личната карта на измаменото момче била фотографирана, по што тоа заминало дома без да се посомнева дека некој ќе подигне кеш во негово име. По неколку месеци, стигнала опомена од финансиското друштво, озвестување за долг од 3.500 евра. Тогаш момчето сфатило дека е подигнат кредит на негово име, иако тоа никогаш не аплицирало, никогаш не потпишало договор и никогаш не видело пари. Случајот е пријавен и полицијата презема мерки за расчистување. Но, прашањето што повторно се отвора е како, и покрај сите истраги и заострување на правилата, и натаму е можно да се земе кредит со туѓ идентитет.

Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека ова не е изолиран случај. Во 2024 година, биле пријавени 77 случаи на злоупотреба на личните податоци поврзани со измами со брзи кредити. Поднесени се 18 кривични пријави, а 20 сторители се кривично гонети. Во 2025 година, досега, евидентирани се 25 настани, со 12 кривични пријави и 13-мина сторители. Намалувањето се должи на заострената регулатива, по многубројните поплаки на граѓаните дека некој им го украл идентитетот за брзи кредити, а некои од жртвите морале и да ги враќаат невидените пари бидејќи добиле опомена пред тужба.

Паралелно, Основното јавно обвинителство и натаму ја води истрагата против 43 лица осомничени за компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на личните податоци. Од 2022 година наваму, осомничените користеле туѓи лични податоци, внесувале невистинити информации во системите на финансиските друштва и фалсификувале електронски потписи. Во еден ден, подигнувале повеќе кредити од различни компании. Незаконската корист, според истрагата што е во тек, надминува три милиони денари. Меѓу осомничените има и службено лице од ФЗО, кое ги ставало на располагање податоците од осигурениците.

Онлајн аплицирањето за дел од овие кредити е едноставно: внесување име, презиме, ЕМБГ, телефонски број и адреса, па потврда со СМС-код. Според она што може да се прочита од интернет- страниците на финансиските друштва за условите за подигнување брзи пари, нема потреба од физичко присуство, од видеоидентификација или биометриска проверка. Тоа би значело, ако има некој фотографија од лична карта и свој телефонски број, технички може да ја помине постапката.

Агенцијата за заштита на личните податоци, според податоците од 2024 година, има изречено казни на финансиски компании што обработувале лични податоци без валидна согласност и не можеле да докажат дека вистинскиот сопственик на податоците навистина аплицирал за кредит. По јавните реакции, правилата беа заострени, а Министерството за финансии најави построг надзор.

Сепак, случајот од Демир Капија покажува дека не е целосно затворен ризикот. Додека институциите ја утврдуваат вистината, измамениот живее со товарот на долгот што не го направил.

И додека институциите ги бројат предметите, граѓаните живеат во страв дека на нивната адреса ќе пристигне писмо со опомена за паричен долг. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ