Граѓани сведочат дека по доцнење на рата за „брз кредит“, се соочуваат со закани, посети на работното место и јавувања кај блиски лица. Адвокатите предупредуваат: ваквата наплата е противзаконска и кривично казнива. Полицијата лани евидентирала најмалку 12 пријави за вознемирување и закани
Љубезноста на дел од финансиските друштва кои даваат потрошувачки кредити на граѓаните, познати како „брзи пари“, исчезнува кога долгот треба да се наплати. Телефонското потсетување дека должникот не ја уплатил месечната рата за кредит или, пак, во краен случај, започнувањето судска постапка, се заменува со присилна наплата на долгот, слично на лихварите кога доаѓаат по своето, обвинуваат граѓаните, а некои вознемирувањето од агентите за наплата веќе го пријавиле во полиција.
„Дали може да се јавуваат на членови на мојата фамилија, тие не оставиле податоци за контакт, од каде им се броевите?“, прашува граѓанин во групата за правни совети на „Фејсбук“. „ Почнаа да ми се закануваат по телефон дека ќе ми испрателе дома агенти, јас им викам законски да си наплатат, не вака дрско“, се жали друг должник.
Кај друг, пак, според неговото сведочење, отишле подалеку па пишува: „Со кое право ѕвонат на врата, доаѓаат на работа и се закануваат, дали некаде можеме да се жалиме, си земаат преголема слобода“. Во замена да сопрат со вознемирувањето, должник им предложил да им уплаќа по 1000 денари, но агентите од финансиското друштво не се согласиле.
Дека граѓани пријавуваат вознемирувања и закани од агенти на друштвата за брзи кредити, за весникот ВЕЧЕР потврдија и од полицијата. Минатата година имало 12 такви пријави.
„Во врска со осум од настаните се изготвени записници за прием на кривични пријави, за два настани во кои нема елементи за гонење по службена должност е изготвен службен материјал, еден настан е реализиран како кривично дело кое се гони по приватна тужба, додека во еден настан е изречено усно предупредување“, велат од полицијата за ВЕЧЕР.
Ваквата форма на наплата е незаконска, велат адвокатите со кои се консултираше нашата редакција во врска со поплаките од граѓаните што должат кај финансиски друштва, а вознемирувањето е кривично дело.
„Под претпоставка дека сакаат да ги избегнат долгите судски постапки со тужби кон должниците, па извршители, го избираат овој противправен начин на наплата, со доаѓање на врата, на работно место, со јавување по членови од фамилијата. Им треба и брз обрт на средства и се одлучуваат на ваков начин на наплата“, велат адвокатите.
Но, освен што кај едни случаи има сериозни елементи на кривично дело вознемирување, кај други има и злоупотреба на личните податоци, објаснуваат правниците. Друштвата што даваат брзи кредити мора да се придржуваат и до Законот за заштита на лични податоци – некои и порано беа казнувани за обработка на податоци без согласност, тоа се случи откако луѓе јавно сведочеа во медиумите дека пријавиле оти им се одобриле кредити користејќи нивни податоци без вистинска идентификација.
Контролата и надзорот над финансиските друштва во земјава ја прави Министерството за финансии и тие се регулирани со законот за финансиските компании. Преку прописи се уредуваат условите за основање и работа, надзор, обврски за известување, мерки за санкции и можност за одземање дозволи ако компанијата не работи според законот. Понатаму, тие треба да го почитуваат и Закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Овој закон се применува на потрошувачки кредити (вклучувајќи и брзи кредити) и има за цел да ги заштити корисниците: ја регулира транспарентноста на трошоците (вкупни трошоци, камати, провизии), ги опфаќа правата и обврските на должникот и кредиторот при склучување и реализација на договорот. Финансиските компании треба да проценат дали корисникот е во состојба да го плати кредитот (на пример преку соодносот на месечни обврски и приходи).
Друштвата за брзи кредити уриваат рекорди во давање пари на граѓани, според податоците на Народната банка, објавени на „Блумберг“, финансиските друштва во Македонија ја завршиле минатата година со 227.706 активни договори за кредитирање со физички лица, со вкупна вредност од 9,2 милијарди денари (150,7 милиони евра), што е убедлив рекорд од 2014 година наваму.
Ризиците за финансиската стабилност од овие друштва се поврзуваат со ризикот од предизвикување презадолженост на одделни слоеви од населението, особено на оние со пониски примања, што е поврзано со релативно полесниот пристап до финансирање од финансиските друштва во споредба со построгите кредитни стандарди на банките, но и со повисоката вкупна цена на кредитите, навеле од Народната банка. Според регистарот на Министерството за финансии, заклучно со јуни лани, во земјава функционирале 26 финансиски друштва, пишува овој медиум. (П. А.)












