Брзата пруга ќе почне да се гради годинава?

Од власта тврдат дека британскиот кредит нема да го зголеми јавниот долг бидејќи Македонија нема да плаќа предвреме, туку само по проекти. Ние склучивме договор за соработка со Велика Британија, каде што британската Експорт банка е таа што ќе даде гаранција дека доколку не го враќаме кредитот, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска. Ова го потврди и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов кој рече дека Британија ни е жирант и ова е најдобриот договор досега за нашата земја

252

Од власта смируваат дека британската Експорт банка ќе го врати кредитот во наше име, ако Македонија не го направи тоа. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска, која рече дека во јавноста лошо се пренесува дека ние сме се задолжиле кај Велика Британија. Според неа, ова задолжување нема да го зголеми јавниот долг бидејќи тој се регистрира во моментот кога се повлекува кредитот. Како што ќе се плаќа и како што ќе одат реализацијата и имплементацијата, така ќе има зголемување на јавниот долг. Но, тоа не значи дека ќе има зголемување на долгот зашто паралелно се вршат редовни годишни отплати, а со тоа се намалува и долгот, појасни министерката.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува годинава да почне изградбата на брзата пруга која е дел од Коридорот 10, за која Министерството за финансии треба да испрати писма до банките кои би доставиле понуди за финансирање.

– Очекувам периодот формално да испратат дописи до потенцијалните заемодавачи. Ако сè биде како што треба, оваа година очекувам почеток на изградбата на оваа пруга што ќе значи многу во историска и транспортна смисла, изјави Мицкоски денеска од Битола.

Министерството за финансии ќе пушти писма до банките кои би доставиле понуди за финансирање на овој проект. Инаку, министерката за финансии, Димитриевска-Кочовска, појасни дека британската Експорт банка е таа што ќе даде гаранција дека доколку не го враќаме кредитот, тие ќе го вратат во наше име што, во суштината, значи нашиот кредитен рејтинг на некој начин го подобруваат за да може да добиеме пониски каматни стапки.

Ова го потврди пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, кој рече дека Британија ни е жирант и ова е најдобриот договор досега за нашата земја.

– Она што е добро за нашата држава е тоа што Обединетото Кралство е наш гарант, важно е да знаат граѓаните дека Британија има најдобар кредитен рејтинг во светот, а каматната стапка што ние ќе ја земеме ќе биде како за Велика Британија, тоа ќе биде најниска каматна стапка што ја има моментално на пазарот, тие нам ни се како гаранти или жиранти, објасни Пренџов.

Според Пренџов, она што е важно е дека нема да плаќаме предвреме, според договорот, кога ќе заврши проектот, оттогаш почнуваме да плаќаме и тоа е многу добро бидејќи од една страна се однесувате одговорно кон парите на даночните обврзници на Република Македонија, а од друга страна оној што проектира и тоа како има интерес побрзо да го заврши. Тој додаде дека изградбата на пругата носи голем бенефит за државата, односно годишно ќе носи околу 180 милиони евра чисти пари за државата, а Владата транспарентно ќе ги најавува чекорите што следуваат.

Брзата пруга е само дел од проектите кои ќе треба да се финансираат преку британскиот кредит. Освен пругата, тука се изградба на болници, Медицинскиот факултет, проекти во секторите за енергетика и животна средина…

Инаку, брзата железница е од стратешка важност за Македонија, но и за Европската Унија, како од транспортен, така и од еколошки аспект. Во документот се наведува дека еден километар би чинел околу 8,8 милиони евра, односно 1,76 милијарди евра за 200 километри пруга. Изработката на проектната документација, основниот проект, надзорот и експропријацијата би чинеле уште 250 милиони евра. Со ова, вкупната сума на пругата би била две милијарди и 10 милиони евра, од кои милијарда и 910 милиони ќе бидат од странските банки, а 100 милиони од буџетот на државата.

Опозицијата обвинува дека со британскиот кредит државата дополнително ќе се задолжи, освен тоа, не се знае до кога ќе ги враќаме и на каков начин ќе ги земеме тие пари. Освен тоа, за овој проект не е спроведена физибилити студија која треба да ги одреди правците, сумите на чинење на проектите, аспекти за влијанието на животната средина…

 

ИЗДВОЕНИ