БРЗАТА ПРОЦЕДУРА ЗА ПРОМЕНА НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК СТИГНА ДО ГЛАСАЊЕ: Бадентер ги спаси независните, но до кога?

409

Брзата постапка по која пратениците во македонското Собрание сакаа да ги изгласаат новите услови за кандидирање на независните кандидати на локалните избори денеска се закочи на Бадентеровиот принцип. Откако народните избраници експресно го завршија општиот претрес по заострените предложени измени во Изборниот законик не можеше да се пристапи кон гласањето бидејќи недостасуваа гласовите на пратениците од редот на малцинствата за да се задоволи овој принцип.

-Од седницата отсуствуваа осуммина пратеници, а беше потребно и исполнување на Бадентеровото правило. Од овие причини на седницата е констатирано дека е завршен општиот претрес. Се надевам дека во претстојниот период сите услови ќе бидат исполнети и предложените промени веднаш ќе бидат ставени на гласање – ни изјави вчера Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Отпорот кон предложените промени со кои повторно се заоструваат условите за независните кандидати вчера искажаа пратениците од редовите на опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ и од опозициската Левица. Оттаму критикуваат дека измените зад кои стојат пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Вреди и ЗНАМ, не се демократски.

-За ваква промена во Изборниот законик нема партиски консензус. Измените се правени во канцеларијата на ВМРО-ДПМНЕ и тие се за нас неприфатливи. Тие воопшто не се дел од препораките на ОБСЕ и ОДИХР – потенцира пратеничката Ајлина Ајдари од Европски фронт.

И Амар Меционовиќ, пратеник од опозициската Левица, потенцира дека се работи за недемократски предлог.

-Ние ќе гласаме против овие предложени промени. Носење на вакви акти по итна постапка е алармантно. Вакви политички процеси не се легитимни. Недемократски чин имавме неодамна и со гласањето за измена на Изборниот законик за воведување на една изборна единица. Со неизгласувањето на Една изборна единица, оваа власт го погази активното избирачко право, а сега го гази и пасивното право на граѓаните да се кандидираат на локалните избори. Сето ова е силна порака дека се сака да се убие демократијата. Ова е антидемократски чин кој нема да го поддржиме – нагласи Мециновиќ.

На ова, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски одговори дека предлогот е издржан.

-Ако сега не ги донесеме измените ќе остане правната празнина во Изборниот законик и нема да може да се кандидираат независните кандидати. Прагот од 1 процент од запишаните избирачи кои го укина Уставниот суд беше препорака на ОБСЕ и ОДИХР. Јас нема да ја коментирам одлуката на уставните судии. Сега, предлагаме скалест модел со цел да им се даде шанса и на независните кандидати. За останати промени во Изборниот законик има работна група во која сите ќе се вклучиме и ќе ги договориме другите измени – напомна Мицевски.

Според предлогот, главен услов за кандидатура на независните кандидати ќе биде потребниот број потписи за поддршка, а кој ќе зависи од бројноста на населението во некоја од општините. Така, за општини со број на гласачи: до 10 000 – ќе бидат потребни најмалку 100 потписи, од 10 001 до 20 000 – 200 потписи, од 20 001 до 30 000 – 300 потписи, од 30 001  до 40 000 – 400 потписи, од 40 001 до 50 000 -500 потписи, од 50 001 до 60 000 – 600 потписи, од 60 001 до 70 000 – 700 потписи, од 70 001 до 80 000 – 800 потписи, од 80 001 до 90 000 – 900 потписи, за општини преку 90 001 жители најмалку 1.000 потписи, а за град Скопје – најмалку 3.500 потписи од граѓаните запишани во Единствен избирачки список.

Бадентерово мнозинство во македонското Собрание е потребно за реформските, односно, системските закони и одлуките кои директно ги засегаат културата, употребата на јазици, образованието, личните документи, употребата на симболите. За дел од нив, потребен е „мал бадентер“ – мнозинство гласови од пратениците од малцинствата кои се присутни на конкретната седница, додека за другите „голем бадентер“ – мнозинство од вкупниот број гласови од немнозинските заедници. Во актуелниот состав на македонското Собрание, од вкупно 120 пратеници, 39 се припадници на малцинствата кои гласаат по принципот на бадентер. Ова значи дека за а да биде власта комотна, потребни и се 20 пратеници, а пресметките покажуваат дека за таа цел недостасуваат околу пет пратеници од редот на националните малцинства. Арбен Таравари со заминувањето во опозиција со себе повлече тројца пратеници и со што пратеничката група на Вреди остана на 11 пратеници. На нив треба да се додадат уште три-четворица кои се од малцинствата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери.

Од обезбедување на Бадентеровото правило зависи усвојување и на други закони од т.н. „реформска агенда“. Такви се, на пример, измените на Законот за локална самоуправа со кои се предвидува отповикување градоначалник со референдум, Законот за судски совет, за платите на судиите, јавните обвинители, за судска служба, избор на Програмскиот совет на МРТ… Министерот за правда, Игор Филков, на неодамнешниот брифинг со новинари врзан за обезбедување на Бадентеровиот принцип, изјави дека се надева на совеста на пратениците од опозицијата.

-Прашањето за бадентер не се однесува само за Министерството за правда и јас се надевам дека сите политички партии кои се активни чинители на општествениот живот во Македонија се свесни дека не смеат да ги кочат законите што се носат во интерес на граѓаните и ќе бидат свесни дека со тоа прават штета на еден сериозен процес – рече тогаш тој. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ