По брзата реакција на надлежните институции, лицето кое го оштети стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје е лишено од слобода, соопшти денеска македонското Министерство за внатрешни работи. Инцидентот што се случи вчераа, во центарот на Скопје предизвика осуди од македонските власти, кои го оценија како изолиран акт на вандализам, како и остра реакција од официјална Софија, која настанот го квалификува како напад врз дипломатска мисија и кршење на меѓународното право. Од МВР истакнаа дека реагирале веднаш по пријавата и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
-Денеска (12.01.2026) во 12:40 часот на ул. „Кирил и Методиј“ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар го лишија од слобода Ш.А.(54) од Скопје, затоа што вчера (11.01.2026) го оштети стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Веднаш по добиената пријава, беа преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот и Ш.А. е лишен од слобода, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од МВР.
Претходно, министерот за надворешни работи и надрворешна трговија, Тимчо Муцунски го осуди инцидентот и истакна дека според првичните информации, се работи за изолиран случај во кој е причинета материјална штета во не голелм обем.
– Независно од тоа, максимално го осудуваме инцидентот. МВР дава голем фокус на процесот на истрагата и за подетални одговори со истрагата, бидејќи не сакам да и наштетам, би Ве упатил да побарате одговор од МВР. Но, она што би сакал да го кажам е дека институционално има брз и ефикасен одговор од наша страна, изјави Муцунски.
Министерот додаде дека за жал не може да се контролира секој кривично-правен настан што се случува на територија на државата, но дека најважно е дека веќе тој инцидент е осуден од наша страна и се рабтои на целосно расветлување на случајот.
– Наша одговорност како држава е прво да дадеме објективен одговор, да го осудиме настанот, а потоа и нашите институции максимално брзо да ги преземат сите потребни дејствија и мислам дека од наша страна е максимално коректно одговорено до овој момент. Се надевам дека брзо ќе заврши истрагата од страна на МВР, рече Муцунски.
Веднаш по реакцијата од бугарското МНР, македонското министерство го осуди инцидентот.
-Ваквите поединечни акти на вандализам се неприфатливи и се спротивни на принципите на меѓународното право, како и на одредбите од Виенската конвенција за дипломатски односи. Воедно, информираме дека Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки за целосно расчистување на случајот. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна постапка за утврдување на одговорноста, стоеше во соопштението.
Официјална Софија, преку бугарското МНР, во остра реакција, овој чин го нарече „напад на самата држава Бугарија“.
-Министерството за надворешни работи изразува длабока загриженост што ваковиот чин е резултат на систематскиот недостаток на реакција од страна на надлежните институции на Република Северна Македонија на претходните напади и акти на вандализам врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница. Оваа институционална пасивност, во комбинација со толерираниот, па дури и поттикнат говор на омраза против Бугарија и Бугарите кај нашиот сосед, создаде средина во која ваквите кривични дела се охрабруваат и ескалираат, порачаа од тамошното министерство за надворешни работи.
Оттаму порачаа дека Бугарија очекува македонските институции „јасно и недвосмислено да се дистанцираат од говорот на омраза, ефикасно да се спротивстават на ваквите злосторства, целно да работат на создавање фундаментално поинаков јавен наратив за односите со Бугарија и безусловно да ги исполнат своите меѓународни обврски“. Во соопштението се вели и дека министерството ќе продолжи внимателно да го следи развојот на случајот и „го задржува правото да преземе дополнителни мерки за заштита на бугарските интереси“. (В.С.Н.)
Бугрија е тенденциозна за акцискиот план за малцинствата
Сите забелешки за акцискиот план за малцинствата кои не се тенденциозни и се објективно применливи ќе бидат прифатени, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и додаде дека голем дел од забелешките што доаѓаат од нив не се забелешки дадени во добра верба и не се забелешки кои во основата ја имаат објективната слика за состојбите со малцинските права. Тој рече дека има пристигнато забелешки од здруженија на малцинствата во земјава и од страна на Бугарија и дека во моментот се анализираат сите забелешки, а ќе бидат имплементирани оние предлози што се насочени кон подобрување на документот.
– Фактот дека голем дел од забелешките што доаѓаат од нив не се забелешки дадени во добра верба и не се забелешки кои во основата ја имаат објективната слика за состојбите со малцинските права. Има една тенденциозност во настапот на Бугарија и тоа најдобро го видовте преку соопштението од нивното Министерство за надворешни работи за што ние и соодветно одговоривме. Патем, и пристапот кон македонскиот јазик во рамки на таа објава беше срамен и некоректен. Мора да разграничиме меѓу тоа што може да го примениме и тоа што не може да го примениме бидејќи замислете – утре го објавуваме документот и во него има нешто што не можеме да го примениме. Истата оваа Бугарија ќе спори пред Европската унија дека не напредуваме по однос на акцискиот план за малцинства. Мора да ги гледаме овие прашања низ една темелита призма бидејќи ваквите документи создаваат обврски и за државата и за нејзините институции, изјави Муцунски.
Министерот вели дека акцискиот план е одличен документ за којшто може да има објективни забелешки, а на него работеле домашни и меѓународни експерти. Ангажиран бил и тим од експерти од Советот на Европа.












