Брза пруга на коридорот 10 ќе носи многу профит за македонската економија. Патничките возови по новата пруга би се движеле со 160 до 200 километри на час, а во карго превозот до 120 километри на час, што ќе значи дека од север до југ територијата на Македонија ќе се поминува за час и половина, а тоа значи услов за економски развој на државата, истакна меѓу другото вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Според него, изградбата на брзата пруга север-југ ќе биде „златна кокошка“ на државата.
– Со пруга со 120 километри на час во карго делот ќе бидеме конкурентни на најдобрите пруги во Европа. Тогаш државата ќе се поминува за час и половина што многу ќе значи за развојот на трговијата и очекувам тоа да е „златната кокошка“ на Македонија. Коридорот 10 е економски највиталниот коридор во цела Европа, кој ќе ни донесе многу пари – истакна Николоски.
Тој направи споредба со фреквентноста на автопатот „Пријателство“, кој оди од северната до јужната граница, и по кој над 10 милиони патници поминуваат годишно.
– Ако секој од нив барем едно кафе купи, значи 10 милиони евра остануваат во државата, а инаку годишниот прилив од патарини само од коридор 10 е некаде 58 милиони евра. Кога ќе почне и железницата да оперира по овој коридор и кога ќе се отворат грчките пристаништа Пиреја и Солун, затоа што е стратегиски проект, ќе се видат бенефитите. Брзата пруга е мој личен проект и мој сон за што зборував и во опозиција и една од главните причини зошто сум во овој ресор. И за многу брзо ќе слушнете убави вести – нагласи Николоски.
Тој истакна дека има сериозна мобилизација на ресурси и е зголемен капацитетот на администрацијата пред која е ставен голем предизвик за реализација на капиталните проекти и во патната инфраструктура, особено што паралелно течат градежни активности на четири автопатишта.
– Се гради Кичево-Охрид, потоа делницата Гостивар-Букојчани, почнавме со автопатот Тетово-Кичево, а исто така се гради Прилеп-Битола. Во моментот имаме отворен повик за изведувач на спојката на двата автопати, значи делот од Букојчани до Кичево. Тоа бара сериозна мобилизација на ресурси, луѓе, машини и тоа го покажуваме капацитетот на администрацијата. Претходно завршивме два пата, тоа е експресниот пат од Страцин до Крива Паланка што го пуштивме во јануари годинава, а потоа и експресниот пат Прилеп-Градско (прва фаза) и плус желеницата Куманово-Букојчани. Во моментов се гради Дреново-Фариш втората фаза на експресниот пат кој ќе го пуштиме на почетокот на јуни. До крај на овој месец ќе заврши реконструкцијата на патот Охрид-Св. Наум, а во јуни и патот Богданци-Гевгелија. Паралелно ја градиме железницата Бељаковце-Крива Паланка”. Тоа е огромен фронт за изградба на патишта – констатира Николоски.
Се преговара со „Визер“ за нова авиолинија Будимпешта-Охрид
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски најави дека се водат преговори со авиокомпанијата „Визер“ за воспоставување на директна авиолинија од Будимпешта до Охрид, затоа што смета дека охридското крајбрежје има што да им понуди на туристите.
„Визер“ ја опслужуваше линијата Скопје-Будимпешта и за тоа добиваше субвенции од унгарската влада. По укинувањето на субвенциите, „Визер“ ја прекина линијата поради нерентабилност.
– Будимпешта не беше атрактивна за Скопје бидејќи има две поблиски дестинации Виена и Братислава кон кои што се лета од македонскиот главен град, а од Македонија нема толку патници да се опслужуваат во радиус од два часа на три аеродроми – објасни вицепремиерот Николоски.
Тој смета дека потребни се најмалку два чартери дневно на охридскиот аеродром што секојдневно би носеле по двесте туристи.
– Ако останат по најмалку четири дена, би имале по 800 туристи на охридското крајбрежје во неатрактивни месеци кои ќе ги полнат хотелите, рестораните и чаршијата. Голем инпут е и „Туркиш ерлајнс“, кој почна со летови од Истанбул до Охрид – изјави вицепремиерот.
Николоски истакна дека се работи на нов модел на привлекување на авиокомпании и патници што ќе овозможи воспоставување на најмалку десет до дваесет нови авиодестинации, иако и сегашниот модел на субвенционирање дава резултати. Новиот модел што се развива во Министерството за транспорт и врски предвидува зголемување на субвенциите.
– Во моментов плаќаме по 9 евра по патник, во доаѓање за некој што би слетал во Скопје, а некој што би слетал во Охрид по 12 евра. Подготвени сме да одиме нагоре под услов компанијата да отвори најмалку 10 дестинации во исто време – рече Николоски.
(С.Бл.)