Илјадници луѓе учествуваа во протест против фемицидот во Буенос Аирес, барајќи правда за едно девојче и две млади жени кои беа мачени и убиени во злосторство што ја шокираше Аргентина. Бруталните убиства на 15-годишната Лара Гутиерез и 20-годишните Морена Верди и Бренда дел Кастиљо беа емитувани во живо на социјалните мрежи.
Полицијата верува дека нарко-банда е одговорна за убиствата и дека злосторството било емитувано како предупредување до другите.
Министерката за национална безбедност Патриша Булрич изјави дека полицијата уапсила петмина осомничени – тројца мажи и две жени – но 20-годишен Перуанец, за кого велат дека е водач на групата, сè уште е на слобода.
Полицијата вели дека жртвите биле намамени во комбе и мислеле дека одат на забава на 19 септември. Властите веруваат дека ова било дел од планот да се „казнат“ девојчето и младите жени за кршење на кодексот на однесување на бандата, како предупредување до другите.
Телата на трите жртви беа пронајдени закопани во имот во јужните предградија на Буенос Аирес, пет дена откако исчезнаа. Во Буенос Аирес, роднините на жртвите се придружија на маршот до парламентот барајќи правда за жените и девојчето.
Леонел дел Кастиљо, таткото на една од жртвите, 20-годишната Бренда дел Кастиљо, рече дека не можел да ја идентификува поради тортурата на која била подложена. Според групата за следење на фемицидите во земјата, маж убива жена на секои 36 часа во Аргентина, објави АФП.